Претседателот на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп, денес изјави дека американските воздушни напади врз Иран ќе продолжат во наредните денови, со предупредување дека ќе бидат поинтензивни доколку Техеран не се согласи со договорот, додавајќи дека во моментов не сака да преговара со Иран.
Во исто време, американскиот претседател изјави дека контактите меѓу двете страни не се прекинати и дека иранските претставници сè уште се обидуваат да постигнат договор.
„Пораката беше едноставна – мора да постигнете договор или немате ништо друго“, рече Трамп, додавајќи дека верува оти Иран нема друг избор освен да преговара.
Американскиот претседател тврди дека дури и ако нападите веднаш престанат, на Иран ќе му требаат децении за да ја обнови својата уништена воена инфраструктура.
Зборувајќи за можни идни цели, Трамп рече дека засега енергетската инфраструктура на Иран не е цел, но ниту таа опција не е исклучена. „Ја оставам енергетската инфраструктура за крај.
Вечерва ќе ги удриме многу силно, исто ќе биде и во наредните ноќи, а следната недела ќе биде уште полошо ако не седнат на преговарачка маса“, рече Трамп, наведувајќи дека електраните и мостовите би можеле да бидат меѓу потенцијалните цели.
Кога беше прашан за можноста за копнена операција, Трамп не сакаше да даде детали, но рече дека има „други кои можат да водат таква кампања“.
Трамп оцени дека договорот за нуклеарната програма на Иран, постигнат за време на администрацијата на поранешниот американски претседател Барак Обама, е „безвреден документ“ кој, тврди тој, довел до развој на нуклеарно оружје.
Тој рече дека американските разузнавачки служби внимателно ги следат сите познати ирански нуклеарни објекти, вклучително и локацијата за која во последните денови се шпекулираше дека е дел од нуклеарната програма, предупредувајќи дека ќе биде нападната доколку се регистрира каква било значајна активност.
Зборувајќи за поморскиот сообраќај низ Ормускиот теснец, Трамп рече дека преминот е отворен за меѓународен превоз, но дека е блокиран за иранските бродови.
Во интервју за американска телевизија, тој исто така изјави дека првично мислел дека е можна промена на владата во Иран, потсетувајќи на говорот од 28 февруари, кога, најавувајќи го почетокот на американско-израелската воена операција против Иран, ги повика Иранците да ја преземат контролата врз својата земја по завршувањето на бомбардирањето, пренесува Танјуг. На прашањето дали навистина верува дека може да има промена на режимот, Трамп одговори потврдно, наведувајќи дека не очекува дека иранските власти ќе бидат подготвени да употребат сила против сопственото население.
Текстот Трамп: Не сакам преговори е превземен од МАКФАКС.
















