По реконструкцијата на Владата, Иван Стоилковиќ е преместен од позицијата вицепремиер и министер за односи помеѓу заедниците, на место министер за локална самоуправа. Оваа промена повторно го отвора прашањето: што точно Стоилковиќ ѝ носи на Владата на Христијан Мицкоски, освен личната блискост со Српската напредна странка и Александар Вучиќ?, прашуваат од СДСМ.

„Стоилковиќ не носи никаква поддршка во Собранието или Владата. Неговата вредност за ВМРО-ОКГ се сведува на улогата на офицер за врска со Белград. Како таков, Стоилковиќ обезбедува директен канал за комуникација, влијание и пристап до информации внатре во извршната власт на Македонија – токму она што одговара на интересите на „српскиот свет“ и регионалната политика на СНС. Ако Стоилковиќ „добро ја работел работата“ на претходната позиција, зошто воопшто е преместен? Зошто беше меѓу министрите со најмногу критики и барања за смена, а сепак е задржан во новиот состав на Владата? Единственото логично објаснување е дека Мицкоски попушта на надворешни притисоци, пред сè од Белград за да го задржи лојалниот партнер блиску до центрите на одлучување“, велат од партијата.

Од СДСМ велат дека поставувањето на Стоилковиќ на министерска позиција не е случајно.

„Тоа е гаранција дека влијанието на Вучиќ ќе остане институционализирано во нашата Влада“, велат од СДСМ.

Мицкоски, додаваат од партијата, наместо да им служи на граѓаните на Македонија, со ваков кабинет продолжува да им служи на интересите на трети страни.

„Особено загрижува што човек со таква позиција во Собранието физички се обиде да се пресмета со пратеникот Митко Трајчулески и отворено пцуеше пратеници. Човек кој јавно се фали со врските со „Ноќните волци“ на Путин, кој неодамна патуваше во Кина заедно со српската делегација и таму ја промовираше кинеската комунистичка партија, а кој е близок и со бизнис-партнерот на Мицкоски – почесниот конзул во Србија Душан Адамовиќ, не може да биде министер во Владата на Македонија. Повикуваме премиерот Мицкоски јавно да објасни според кои критериуми Стоилковиќ заслужува да остане во Владата и каков конкретен придонес очекува од него на новата позиција, освен одржување на врските со Белград и странските центри на моќ. Српскиот народ не е Вучиќ, а СНС не е Србија. Народот во Македонија тоа многу добро го знае“, пишува во партиското соопштение.

Текстот СДСМ: Мицкоски јавно да објасни според кои критериуми Стоилковиќ заслужува да остане во Владата е превземен од МАКФАКС.