Еден индиски член на екипажот беше убиен, а осум други беа повредени кога ирански крстосувачки ракети погодија два танкери за нафта на Обединетите Арапски Емирати во Ормускиот теснец, соопшти Министерството за одбрана на ОАЕ во најновата ескалација во стратешкиот воден пат.
Одделот за превоз на Абу Даби, ADNOC L&S, потврди дека големите танкери за сурова нафта Момбаса Б и Ал Бајах биле погодени додека минувале низ Ормускиот теснец и претрпеле „значителна штета“.
Нова ескалација
Од осумте ранети, четворица се сериозно повредени. Шестмина се Индијци, а двајца Украинци, соопшти Министерството.
Безбедносниот центар на Оман подоцна во вторникот соопшти дека 18 членови на екипажот од танкерот Ал Бајах, кој беше погоден кај брегот на Мусандам, биле евакуирани од танкерот, додека тројца се водат како исчезнати.
Иранскиот корпус на Револуционерната гарда (IRGC) соопшти дека два супертанкери биле погодени во теснецот откако ги игнорирале повторените предупредувања, ги исклучиле своите системи за навигација и се обиделе да преминат миниран пат.
Гардата ги обвини САД за „охрабрување на бродовите да користат нелегална рута“ и рече дека соработката со „непријателски агресор“ може да резултира само со штета, одложувања во отворањето на Ормутскиот теснец и глобална енергетска криза.
Текстот Иран погоди танкер во Ормускиот теснец, загина морнар е превземен од МАКФАКС.














