На предлог на градоначалникот Горан Герасимовски, Советот на Општина Центар денеска, на продолжението на 9. седница, ја изгласа одлуката за изработка на Архитектонско-урбанистички проект за доградба на ООУ „Јохан Хајнрих Песталоци“, последен чекор кон целосно воведување едносменска настава во општината.
Со реализацијата на овој проект значително ќе се зголемат просторните капацитети на училиштето, ќе се обезбедат современи услови за учениците и наставниот кадар, а конечно ќе се создадат услови наставата да се одвива исклучиво во една смена. Со доградбата, Општина Центар го заокружува целосниот процес на трансформација на образованието, сите основни училишта на нејзина територија ќе работат единствено во прва смена, велат од општината.
„Ова е значаен момент за образованието во Центар. Со доградбата на ООУ „Јохан Хајнрих Песталоци“ не само што ги зголемуваме капацитетите на училиштето, туку конечно го исполнуваме и едно од нашите најважни ветувања, сите основни училишта во Општина Центар да преминат на едносменска настава. Тоа значи подобри услови за учење, поквалитетна организација на наставата и повеќе квалитетно време за учениците и нивните семејства“, изјави градоначалникот Горан Герасимовски.
„Општина Центар останува пример во инвестициите во образованието, создавајќи современи, функционални и безбедни училишта, во кои секое дете ќе има еднакви можности за квалитетно учење и целосен развој“.
Текстот Герасимовски: Со проширување на капацитетите на „Јохан Хајнрих Песталоци“ сите основни училишта во Центар преминуваат на едносменска настава е превземен од МАКФАКС.



















