Петтото, јубилејно издание на Фестивалот на балкански и медитерански филм „Преку езерото“ во состав на меѓународното тричлено жири има професионалци од филмската индустрија: продуцентот Мирослав Митиќ (Србија), режисерката Елеонора Венинова (Македонија) и филмската претставничка Емили Ришел (Франција), кои имаат одговорната задача да одлучуваат за престижните награди во главната натпреварувачка селекција.
Во рамките на главната програма, жири комисијата ќе оценува шест исклучителни долгометражни остварувања од поширокиот медитерански и балкански регион, меѓу кои се кипарскиот „Држи се за мене“, иранскиот „Коцкарот“, македонскиот „Кома“,белгискиот „Одразот во мртвиот дијамант“, српскиот „Кармадона“ и бугарскиот филм „Месо“.
Мирослав Митиќ (Србија) како еден од најистакнатите филмски продуценти во регионот, во жири комисијата носи децениско искуство во препознавање и пласирање на силни авторски приказни на глобално ниво. Неговиот фокус ќе биде насочен кон продукциските стандарди и пазарната вредност на приказните.
Митиќ е меѓународен продуцент, сценарист и режисер чија работа ја трансформира историјата, културата и човечкото искуство во кинематографски приказни, создавајќи оригинална интелектуална сопственост за глобалната публика. Со повеќе од две децении меѓународно искуство, тој продуцирал признати играни филмови, вклучувајќи ги „Зона Замфирова“, „Грабежот на Третиот рајх“, „Нафака“, „Балкански браќа“ и „Небото над пејзажот“. Неговите продукции добија награди и меѓународно признание на големи филмски фестивали, додека „Зона Замфирова 2“, кој тој го напиша и продуцираше, стана најгледаниот филм на Балканот во 2017 година.
Надвор од играните филмови, Митиќ ја создаде и продуцираше наградуваната телевизиска серија „Мала историја на Србија“ и продолжува да развива меѓународни проекти, вклучувајќи ги „Џипси рапсодија“ – „Џелем Џелем“, „Константин Велики“ и глобалниот телевизиски формат „Exchange Challenge“.
Работејќи меѓународно низ Европа и САД, тој останува посветен на создавање приказни што ги поврзуваат културите, ја инспирираат публиката и ја слават универзалната моќ на киното.

Елеонора Венинова (Македонија) е етаблирана македонска режисерка и сценаристка, чии филмови уживаат признанија на домашната и меѓународната сцена. Венинова е сценаристка/режисерка на филмови и ТВ серии. Нејзиниот дебитантски долгометражен филм „ Преекспонирано“ ја имаше светската премиера на Интернационалниот филмски фестивал во Каиро во 2022 година. Нејзините претходник кратки филмови се прикажани на многубројни Оскар/БАФТА и ЕФА квалификациски фестивали, вклучувајќи ја и Неделата на режисерите на Канскиот филмски фестивал. Елеонора е активен член на Европската филмска академија.
Емили Ришел (Франција) е филмски работник и претставник на една од најголемите медитерански филмски сили – Франција. Ришел во жири комисијата го носи строгиот критериум на француската школа, балансирајќи ги регионалните балкански сензибилитети со современите глобални филмски трендови.

Емили Ришел е родена во Франција, во близина на белгиската граница. Таа отсекогаш била заинтересирана за кино уште од детството. Се приклучила на филмскиот фестивал „A l’Est“ во Руан (Нормандија) во 2013 година како член на жирито, а потоа почнала да работи во различни области како координација, комуникација и програмирање за овој фестивал, а сега е задолжена за источноевропските проекции за A l’Est, кој се одржува во различни кина во март. Во исто време, таа работи за фестивалот за кратки филмови во Руан, „Courtivore“, каде што избира филмови со други програмери.
Таа е членка на мрежа наречена „Moteur“ која обединува седум филмски фестивали во Руан, ја промовира разновидноста на кинематографијата и организира бесплатна проекција на кратки филмови еднаш годишно.
Седум години, таа добивала предлози за источноевропски филмови на програмскиот комитет за „Меѓународниот филмски фестивал во Монс (Белгија) и работела за „Бугарскиот филмски фестивал“ во Париз.
Ришел била член на жирито на филмски фестивали: Фестивал на независен филм Идромено во Скадар (Албанија), Фестивал на балкански филмски фестивал во Поградец (Албанија), Меѓународен образовен филмски фестивал во Евро (Франција). Учествувала на панели за ширење на филмови на фестивали и застапеност на жените во кино индустријата, како и на PriFest – Меѓународниот филмски фестивал во Приштина пред неколку години.
Официјалните проекции на филмовите од главната селекција се одржуваат во Амфитеатарот во Дојран на отворено, со поглед кој се протега точно „преку езерото“.
Одлуката на тричленото жири за годинешните лауреати ќе биде соопштена на свеченото затворање на фестивалот на 15 јули.
Текстот Зад објективот на најдобрите: Меѓународно жири предводено од Митиќ, Венинова и Ришел ќе ги оценува филмовите на петтото издание на „Преку езерото“ е превземен од МАКФАКС.














