Украинските одбранбени сили соопштија дека во ноќта меѓу 10 и 11 јули извршиле напад врз руски пловила во Азовското Море, при што бил погоден 21 руски танкер што, според Киев, се користел за транспорт на нафта и нафтени деривати.

Според Генералштабот на вооружените сили на Украина, танкерите биле дел од логистичката мрежа преку која Русија ги заобиколува меѓународните санкции и обезбедува приходи за финансирање на воените операции во Украина.

Погодени и други бродови

Украинската војска соопшти дека во нападот биле погодени и четири влечни бродови, два товарни брода за сув товар и еден багер-јаружар.

Според украинските власти, овие пловила се користеле за воена логистика, транспорт на товар и одржување на пристанишната инфраструктура.

Засега не се познати последиците од нападот, ниту степенот на оштетување на пловилата.

Украински командант тврди дека бројката е поголема

Командантот на украинските сили за беспилотни системи, Роберт „Маѓар“ Бровди, подоцна изјави дека во нападот биле погодени вкупно 28 руски пловила.

Претходно, аналитичарите од ОСИНТ-групата CyberBoroshno објавија анализа во која наведуваат дека во нападите врз руската нафтена инфраструктура биле погодени пловила од таканаречената „флота во сенка“, како и пристаништа и една рафинерија за нафта.

Русија ја запре пловидбата низ каналот Дон–Азов

По украинските напади, Русија ја прекинала пловидбата низ каналот Дон–Азов, кој ја поврзува реката Дон со Азовското Море.

Според украинските извори, руските власти привремено ја суспендирале и обработката на барањата за премин низ Керчкиот Теснец, кој ги поврзува Азовското и Црното Море.

Независна потврда за бројот на погодените пловила и за обемот на штетата засега нема.

Текстот (Видео) Украина тврди дека погодила најмалку 21 руски танкер во Азовското Море е превземен од МАКФАКС.