Јавен обвинител од Одделението за малолетници при Основното јавно обвинителство Скопје до надлежниот судија за деца поднесе барање да се поведе подготвителна постапка против две 14-годишни девојчиња за кои постои основано сомнение дека извршиле дејствие кое со закон е предвидено како кривично дело – Насилство од член 386 став 3 во врска со став 1 од Кривичниот законик.

За еден 15-годишник се бара подготвителна постапка за помагање при извршување на тоа кривично дело, како и за – Неовластено снимање од член 152 став 1 од Кривичниот законик. За неовластеното снимање е побарана подготвителна постапка и за уште еден малолетник на возраст од 14 години.

Пријавените девојчиња, на 30 јуни, на игралиште позади трговски центар во Скопје, во група извршиле грубо насилство и ја загрозиле сигурноста на 12-годишно девојче. Во дејствијата учествувало и уште едно дете во ризик кое е на возраст од 13 години и согласно тоа не може кривично да одговара.

Ја принудувале да клекне и да им се извини, а потоа ја удирале со шлаканици и ја влечеле за коса. Од ударите оштетената се здобила со телесни повреди, а кај нејзината другарка сведок на настанот и во јавноста било предизвикано чувство на несигурност загрозување и страв.

Едно од момчињата помагало во дејствијата на насилство со совети, насоки и охрабрување како да го извршат делото. Двете момчиња неовластено направиле видео снимка од чинот на насилство без согласност од оштетената и повредувајќи ја нејзината приватност. Снимката им ја пратиле и на насилничките.

Јавниот обвинител побара од судот во текот на постапката да биде определена и мерка на претпазливост – забрана на децата во судир со законот да се приближуваат или воспоставуваат и одржуваат контакти и врски помеѓу себе и со жртвата, соопшти обвинителството

Текстот Ја принудувале да клекне и да им се извини, ја удирале со шлаканици и ја влечеле за коса: ОЈО бара забрана насилниците да и се приближуваат на жртвата од Аеродром е превземен од МАКФАКС.