Германскиот канцелар Фридрих Мерц се соочува со најдлабоката криза на доверба откако дојде на власт, бидејќи задоволството на граѓаните од неговата работа падна на само 13 проценти, што е најлошиот резултат на еден канцелар од почетокот на мерењето во рамките на анкетата „Дојчландтренд“ на АРД.
Според најновото истражување, дури 84 проценти од испитаниците се незадоволни од работењето на Мерц. Во исто време, Алтернатива за Германија ја задржа својата водечка позиција со поддршка од 27 проценти, додека синдикатот ЦДУ-ЦСУ падна на 22 проценти, што е најниско ниво во последните речиси пет години.
Падот на популарноста дојде во време кога Мерц се обидува да се претстави како „реформски канцелар“ и да спроведе обемни промени во пензискиот, даночниот, здравствениот и работниот систем. Владејачката коалиција на конзервативци и социјалдемократи се согласи за пакет од 34 мерки, што вклучува даночни олеснувања за граѓаните со ниски и средни приходи, реформа на пензискиот систем, построги правила за земање боледување и намалување на бирократските процедури.
Особено незадоволство предизвикаа предлозите, возраста за пензионирање постепено да се прилагодува на очекуваниот животен век и да се бара лекарско уверение за боледување од првиот ден на отсуство од работа. Според анкетата, 63 проценти од Германците се против поврзување на старосната граница со очекуваниот животен век, додека 70 проценти се против укинувањето на можноста за пензионирање на 63 години без намалување на приходите.
Мерц, и покрај падот на рејтингот и критиките од опозицијата, го бранеше реформскиот курс на својата влада во Бундестагот.
„Постојано слушам обвинувања дека политичкиот центар не успева, туку само го попречува и блокира сопствениот напредок. Дозволете ми недвосмислено да одговорам: центарот дава резултати“, рече германскиот канцелар.
Тој оцени дека договорените реформи се доказ за способноста на владејачката коалиција да ја модернизира земјата, да ја заштити социјалната држава и во исто време да обезбеди поголема флексибилност на економијата.
Алтернатива за Германија остро ги нападна плановите на владата. Копретседателот на таа партија, Тино Хрупала, го обвини Мерц за недостаток на емпатија кон вработените и неможност да понуди решенија што би го запреле падот на животниот стандард.
Текстот Рејтингот на Мерц падна на историски 13 проценти е превземен од МАКФАКС.














