Документарниот филм „Приказната за Силјан“ на Тамара Котевска испиша нова страница во историјата на македонската кинематографија, со две номинации за 78. Emmy Awards, најпрестижните награди во светската телевизиска индустрија. Ова е првпат македонски филм да биде номиниран за Emmy Awards, со што успехот на „Силјан“ добива историско значење не само за Македонија, туку и за документарниот филм во регионот.

Филмот е номиниран во категоријата Исклучителна вредност во документарното филмско творештво (Exceptional Merit in Documentary Filmmaking), една од најзначајните документарни категории на Emmy Awards, која препознава дела со исклучителна авторска, уметничка и општествена вредност.

Втората номинација е во категоријата Извонредна кинематографија за неиграна, односно документарна програма (Outstanding Cinematography for a Nonfiction Program), признание за визуелната моќ на филмот и за кинематографијата на Jean Dakar, која ја претвора интимната приказна за човекот, природата и преживувањето во силно филмско искуство.

Со овие две номинации, „Приказната за Силјан“ продолжува да го носи македонскиот документарен филм на светската мапа, од големите фестивалски подиуми до една од најпрестижните награди во телевизиската индустрија.

Свеченото доделување на 78. Emmy Awards ќе се одржи на 14 септември оваа година во Peacock Theater во Лос Анџелес, додека наградите во креативните категории, Creative Arts Emmy Awards, ќе бидат доделени на 5 и 6 септември.

Текстот „Приказната за Силјан“ – прв македонски филм номиниран за наградата „Еми“ е превземен од МАКФАКС.