Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, изврши увид во активностите за санација на инфраструктурата во ООУ „Димитар Миладинов“, со што ќе се подобрат условите за учење, работа и спортување во училиштето.
Во првата фаза се изведува нова фекална мрежа, одвоена од атмосферската, со што се решава долгогодишниот проблем со затнување и прелевање на шахтите. Воедно, се реконструира санитарниот јазол до фискултурната сала, каде се заменуваат старите водоводни и одводни цевки и се поставуваат нови санитарии, известува Општина Центар.
Се реновираат машката и женската соблекувална, со поставување нова подна подлога и плочки, а просторот дополнително се освежува со молерисување и уредување.

„Во летниот период, локалната самоуправа планира санации во повеќе училишта на своја територија, а во овој објект веќе се реализираат неопходни инфраструктурни зафати. Санацијата на канализационата мрежа во овој објект беше неопходна за да се реши долгогодишниот проблем“, посочи Герасимовски.

Покрај тековните активности, во план е и реконструкција на кровот, како и санација на училниците на третиот кат и просторијата за наставниците, каде има протекувања.

Со овие вложувања, Општина Центар продолжува со уредување и зајакнување на училишната инфраструктура, со цел да обезбеди пофункционална и посовремена средина за учениците и вработените, се додава во соопштението на Општината.
Текстот (Фото) Герасимовски: Подобри услови за учениците , во тек санација на инфраструктурата во училиштето „Димитар Миладинов“ е превземен од МАКФАКС.

















