Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски денеска во Полициската академија во Идризово присуствуваше и се обрати на промоцијата на Каталогот за континуирани обуки на Министерството за внатрешни работи, изработен во соработка со Полициската академија и Мисијата на ОБСЕ во Скопје.

Во своето обраќање, министерот Тошковски истакна дека Каталогот претставува значаен чекор во унапредувањето на професионалниот развој, стручноста и капацитетите на вработените во Министерството за внатрешни работи, нагласувајќи дека современите безбедносни предизвици бараат високо обучена, професионална и ефикасна полиција.

„Континуираната обука и усовршување на полициските службеници претставуваат еден од нашите најважни приоритети. Каталогот не е само преглед на програмите за обука, туку и стратешка алатка за професионален развој, која ќе придонесе за зајакнување на институционалните капацитети, подобрување на квалитетот на полициското работење и дополнително унапредување на довербата на граѓаните во полицијата“, истакна министерот Тошковски.

Тој посочи дека Каталогот содржи систематизиран преглед на програмите за обука, развиени согласно потребите на полициската служба, современите безбедносни стандарди и најдобрите меѓународни практики. Обуките се насочени кон развој на стручните, оперативните и лидерските компетенции, со посебен акцент на практичната примена на знаењата, почитувањето на човековите права, професионалниот интегритет и етичките стандарди.

Министерот Тошковски упати благодарност до Полициската академија и до Мисијата на ОБСЕ во Скопје за нивната поддршка и придонес во подготовката на Каталогот, истакнувајќи дека партнерската соработка претставува важен предуслов за изградба на современ и одржлив систем на полициска обука.

Текстот Тошковски: Каталогот за континуирани обуки е нов чекор кон модерна, професионална и ефикасна полиција е превземен од МАКФАКС.