Денеска во касарната „Илинден“ во Скопје, во присуство на претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, министерот за одбрана Владо Мисајловски, началникот на Генералштабот, генерал-мајор Сашко Лафчиски и амбасадорот на Европската Унија, Михалис Рокас, беше реализирана методско показна вежба и беше извршен приказ на тактичко-техничките средства и опрема, набавени преку Европскиот мировен фонд.
На настанот премиерот Мицкоски порача дека приоритет на Владата е да продолжи да инвестира во македонска Армија, со цел таа да остане конкурентна. Тој се заблагодари на Европската Унија затоа што во македонската Армија препозна квалитет, како и на амбасадорот Рокас, за неговата лична посветеност во реализација на процесите за набавка и испорака на опремата.
Мисајловски ја истакна исклучителната соработка со Европската Унија и Делегацијата на ЕУ во нашава земја кои придонесоа оваа набавка да стане реалност за македонската Армија, што е од особена важност за јакнење на одбранбените капацитети.
„Зад мене може да го видите првиот пакет на опрема што стигна [за што] работиме постојано. Се надевам дека во наредниот период ќе најавиме дополнителни пакети каде што ќе опфатат дополнителна опрема“, рече министерот.
Појасни дека станува збор за целосен грант – директни средства од Европската Унија и додаде дека тоа е резултат на нашата Заедничка европска безбедносна политика, нашиот однос, учеството во операциите на ЕУ и постојаната комуникација.
Амбасадорот на Европската Унија во државава, Михалис Рокас истакна дека безбедноста е суштински дел од европското партнерство, особено имајќи предвид дека во 2024 година потпишавме партнерство за безбедност и одбрана. „Ги гледаме резултатите и гледаме како ова партнерство не само што со себе носи нова опрема, туку вклучува и обука. Гледаме извонредни симулирани вежби од страна на силите“, подвлече тој.
Со поддршка на Европскиот мировен фонд набавена е опрема во вредност од над 40 милиони евра, сегментирана во три пакети од кои опремата од првиот пакет и дел од опремата од вториот пакет се пристигнати во земјава. Станува збор за опрема од различен вид – радари, термални камери, транспортни возила, симулатори, 3Д радар и преносни сензори, додека во рамките на третиот пакет ќе пристигне опрема за логистика и комуникациски и пешадиски единици.
Текстот Презентирана опремата набавена преку Европскиот мировен фонд, Мисајловски порача дека таа покажува колку е значајна поддршката од ЕУ за зајакнување на капацитетите на Армијата е превземен од МАКФАКС.
















