Барселона започна со дистрибуција на нараквици за работниците кои работат на отворено за да го намалат ризикот од топлотен удар за време на сè почестите и интензивни топлотни бранови, објави „Ројтерс“.
Градот купи околу 1.400 нараквици за општинските работници, вклучувајќи ги чистачите на улици, работниците за улично осветлување, работниците во парковите и работниците за отстранување на отпад. Нараквиците ја следат телесната температура на корисникот и предупредуваат со звучен и вибрирачки сигнал кога ќе проценат дека постои зголемен ризик по здравјето.
Во тој случај, работникот мора веднаш да престане да работи. Пеп Лимона, координатор за превенција на парковите и градините во градот, рече дека тоа е начин за прилагодување кон сè поагресивните ефекти од климатските промени.
Во Шпанија во последните години се случија неколку смртни случаи на работници на отворено за време на периоди на екстремна топлина, што предизвика промени во условите за работа и организацијата во многу области.
Шпанија, како и поголемиот дел од Европа, доживува многу високи температури во последните недели. Државната метеоролошка служба Аемет објави дека овогодинешниот јуни бил втор најтопол досега, а уште еден топлотен бран се очекува овој викенд.
„Откако ќе станува потопло од година во година, мора да бидеме уште повнимателни на работа“, рече Естер Хименез, раководител на комуналната компанија, додавајќи дека се плаши дека некои од работниците би можеле да претрпат топлотен удар.
фото/Depositphotos
Текстот Барселона воведува нараквици за следење на телесната температура на работниците на отворено е превземен од МАКФАКС.













