Сојузникот на Доналд Трамп, Александар Вучиќ, изјави дека ќе се повлече од функцијата претседател на Србија и дека по вонредните избори планирани за оваа есен, би можел да се врати на власт како премиер – следејќи го моделот што некогаш го користеше рускиот претседател Владимир Путин, пишува „Фајненшл тајмс“.

Педесет и шестгодишниот политичар, кој владееше со Србија во различни улоги 13 години, се соочува со зголемени протести и незадоволство поради наводното автократско владеење, корупцијата и бавниот економски развој, пишува во анализата на „Фајненшл тајмс“, која ја пренесуваат српските медиуми.

„Да, логично е дека наскоро ќе имаме избори, а кога велам наскоро мислам во следните три до четири месеци“, рече Вучиќ на прес-конференција доцна во понеделникот.

Тој потсети на своите претходни изјави дека по изборите може да се кандидира за премиерската функција и вети дека сите одлуки ќе ги носи „транспарентно“.

На провладиниот митинг во Белград во саботата, тој рече:

„Ќе бидам претседател само уште неколку недели. Потоа ќе поднесам оставка. На претстојните избори, ако партијата го сака тоа и ме замоли, заедно со вас ќе помогнам да се добие довербата на граѓаните.“

Српскиот претседател е еден од ретките преостанати сојузници на Доналд Трамп во Централна и Источна Европа, анализира медиумот.

Аналитичарите веруваат дека со овие најави, Вучиќ всушност ја испитува политичката ситуација и дека би можел да се откаже од оставката ако процени дека моментот не е поволен.

„Ова не е прв пат да фрла мамка“, вели Хелена Иванов, истражувач во лондонското друштво „Хенри Џексон“.

„Пред неколку месеци, тој рече дека во јули би можеле да се одржат вонредни избори. Тој исто така рече дека ќе се кандидира за премиер само ако партијата го побара тоа. Па, секако дека ќе го стори тоа“.

Според неа, Вучиќ се обидува да го спроведе „сценариото на Путин“, бидејќи, како што тврди, веќе го променил уставниот поредок на Србија, во кој претседателот формално има претежно церемонијална улога, но благодарение на Српската напредна партија, тој продолжува да доминира во политичкиот живот.

„Најважно е што тој ја држи власта“, вели Иванов. „Во партијата и во државата. Ова не е попуштање пред барањата на студентите. Ова е начин постојано да ја задржи својата гласачка база во изборната кампања“.

Помеѓу 2008 и 2012 година, Путин ги смени позициите со тогашниот премиер со цел да го заобиколи ограничувањето на бројот на претседателски мандати.

Текстот „Фајненшл тајмс“: Вучиќ го подготвува „сценариото на Путин“ за да остане на власт во Србија е превземен од МАКФАКС.