Опасната риба-лав беше фотографирана деновиве во Которскиот Залив, поточно во градот Рисан.
Извесен Мирко фотографирал риба-лав во Јадранското Море, а фотографијата од опасното суштество ја објавил во ФБ групата на Општина Рисан.
Многу луѓе реагирале на фотографијата што ја објавил Мирко, а многумина од нив биле многу исплашени.
„Наскоро ќе пливаме во нуркачки одела“, напишала една жена.
„Многумина веќе знаат кој е овој отровен ѓавол, но исто така и голем дел не знаат“, напишала друга личност.
Отровни боцки на телото
Овој вид брзо го освојува Јадранското Море во последните години.
Експертите предупредуваат дека ова не е само закана за морскиот екосистем, туку и суштество чиј убод може да предизвика сериозни здравствени проблеми кај луѓето.
Рибата-лав има отровни боцки на грбните, вентралните и каудалните перки. Ако дојде до убод, болката е речиси моментална и може да биде исклучително силна. Покрај интензивната болка и оток, почувствителните лица може да доживеат гадење, вртоглавица, проблеми со дишењето и други посериозни реакции кои бараат медицинска помош.
Покрај тоа што претставува опасност за луѓето, рибата лав е еден од најпроблематичните инвазивни видови во Медитеранот. Се храни со голем број мали риби, ракови и други морски организми и брзо ја нарушува природната рамнотежа на морското дно.
Посебен проблем е што домашните видови не ја препознаваат оваа риба како опасен предатор, поради што лесно стануваат плен. Во исто време, речиси и да нема природни непријатели во Јадранското Море што би можеле да го ограничат нејзиното ширење.
Научниците предупредуваат дека рибата-лав се размножува поголемиот дел од годината и брзо ја зголемува својата популација. Затоа нејзиното ширење се смета за сериозна закана за биодиверзитетот на Јадранското Море.
Нуркачите и рибарите кои го забележуваат овој вид редовно се повикуваат да го пријават кај надлежните институции, а во областите каде што е дозволено, се спроведува и организиран лов со цел да се забави неговото ширење.
На граѓаните им се советува да не се обидуваат да ја допираат рибата со голи раце, дури и ако изгледа мртва, бидејќи отровните боцки можат да останат опасни дури и откако животното ќе умре.
Текстот (Видео) Опасно суштество снимено во Јадранското Море, во Которскиот Залив: „Тоа е отровен ѓавол“ е превземен од МАКФАКС.














