Овој викенд на Скопско лето ќе се реализираат разни програмски активности.

На 27.06.2026г. (сабота) со почеток во 20:30 часот во Сули ан ќе се одржи концерт насловен „Блесоглас“ на Градскиот мешан хор „Балтепе“ од Тетово и Градскиот мешан хор „Вардар“ од Скопје, под диригентската палка на Јасмина Ѓорѓеска – Каро.

Програмата опфаќа внимателно избрани дела од светската и македонската хорска литература, создавајќи музичко доживување кое ги поврзува традицијата и современиот израз.

Како гостин на вечерта ќе настапи гитаристот Стефан Волчевски, чиј настап ќе внесе дополнителна звучна димензија и ќе ја збогати концертната програма.

Билети за концертот се во продажба на karti.com.mk.

Истата вечер (сабота – 27.06.2026г.) во 20:30ч. во Музејот на македонската борба ќе се одржи концерт под наслов „Пијано рецитал“ на Галин Ганчев од Бугарија.

Рециталот на Галин Ганчев претставува музичко патување низ различни епохи и естетики, следејќи го развојот на лиризмот од веќе етаблираниот „Италијански концерт“ на Бах, па сè до романтизмот, завршувајќи со контрастната фантазија „Исламеј“ од Балакирев. На еден или друг начин, сите овие дела се цврсто поврзани преку својата лирска структура, а програмата истовремено открива и помалку познати врски меѓу овие големи композитори — како, на пример, поврзаноста помеѓу Штраус и Моцарт (Штраус бил исклучително ценет и баран диригент на делата на Моцарт), или начинот на кој Брамс и Моцарт го третираат карактерот на тоналитетите во споредба со Бах.

Дополнителен интерес претставува имагинарниот карактер на некои од „Stimmungsbilder“ на Штраус во споредба со начинот на кој Моцарт или Балакирев ја третираат структурата на фантазијата.

Влезот е слободен.

Исто така во сабота вечер, на сцената на Албанскиот театар со почеток во 20:30 часот ќе се одигра театарската претстава „Првиот Господин“, според мотивите на Бранислав Нушиќ, а во режија на Фатос Бериша.

Претставата „Првиот господин“ е сатирична комедија која ветува дека ќе ја разоружа публиката со хумор и длабоко ќе погоди со непријатни вистини. Претставата е во режија на Фатос Бериша, кој носи моќна и рефлективна интерпретација на моќта, парите и човечките односи.

Билетите се во продажба на билетара на Албански театар.

На 28.06.2026г. (недела), со почеток во 20:30 часот на отворената сцена „Кеј 13 Ноември“ – споменик кај Гемиџиите, ќе се одржи концерт насловен „Градски приказни“ на КУД „Илинден“ од Битола.

Оваа година, годишниот концерт на КУД „Илинден“ е посветен на богатата македонска градска традиција, носејќи на сцената атмосфера на старите градски средини. Преку звуците на чалгискиот оркестар, автентичните танци и обичаи, како и раскошните костими, програмата оживува еден препознатлив културен свет. Концертот ја обединува музиката, играта и сценскиот израз во целовито доживување исполнето со духот на традицијата. Вечер во која се раскажуваат приказни што се пренесуваат низ генерации.

Влезот е слободен.

Текстот Концерти и претстава овој викенд на Скопско лето е превземен од МАКФАКС.