Координаторот на ВМРО-Дпмне, Никола Мицевски, во Собранието достави предлог-закон за ограничување на сообраќајот на електричните тротинети. Тој за Ora24.tv изјави дека целта е да се зголеми безбедноста во сообраќајот и да се намалат несреќите, особено кај малолетниците кои управуваат со овие превозни средства.

„Станува збор за измени во Законот за безбедност во сообраќајот. Подготвуваме неколку револуционерни и радикални измени, бидејќи безбедноста на луѓето кои управуваат со мопеди, електрични тротинети и мотоцикли е на многу ниско ниво.

Анализите направени од Министерството за внатрешни работи и другите институции покажуваат дека имаме голем број млади лица кои се повредени при користење на овие средства. Поради тоа решивме да пристапиме кон измени на Законот за безбедност во сообраќајот, со кои ќе се регулира употребата на овие лесни електрични возила.

Што опфаќа оваа регулација? Конкретно, тие ќе можат да се управуваат со брзина до 20 километри на час, согласно европските регулативи. Исто така, радикално ја зголемуваме минималната возраст за нивно користење. Минималната возраст ќе биде 18 години.

Зошто го правиме ова? Бидејќи нашите анализи покажуваат дека поголемиот дел од околу 2.500 сообраќајни незгоди се предизвикани од управувачи на овие лесни електрични возила, најчесто на возраст од 16 и 17 години.

Свесни сме дека ова е радикална мерка, но мораме да започнеме вака заради јавната безбедност. Подоцна, во зависност од ефектите од законот, оваа граница може да се намали.

Дополнително, за сите кои ќе бидат фатени во прекршок ќе следуваат казни, кои ќе ги плаќаат нивните родители, како и привремено одземање на возилата во траење од 30 дена, сè додека родителите не ги подигнат од местото на одземање.

Сметаме дека овој закон е донекаде радикален, но истовремено и револуционерен, бидејќи досега овие електрични возила не беа регулирани во сообраќајот. Ова е прв чекор кон воведување ред, со цел заштита на граѓаните и обезбедување безбедност во сообраќајот“, изјави координаторот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски за Ora24.tv.