На 17 јуни, Уставниот суд ја укина Одлуката за промена на имињата на улици, плоштади, мостови и други инфраструктурни објекти во Општина Тетово донесена на 24 април 2007 година, соопшти Судот.
Од Уставен денес појаснија дека во текот на постапката, поради недоставување на документацијата во целост, Судот во четири наврати побарал од Општина Тетово да се достави целокупната документација којашто претходела на донесувањето на оспорената одлука. Но, од страна на Општината не беше доставена ниту согласноста ниту барањето за согласност кое било испратено до Владата, туку Листата на имиња на улици и плоштади, мостови и други инфраструктурни објекти во Општина Тетово донесена на 30.11.2006 година.
Понатаму, Уставниот суд во три наврати побара од Владата да ја достави бараната согласност, но истата не беше доставена.
Следствено на ова, од увидот во доставената документација се утврди дека Општина Тетово нема доставено барање до Владата за издавање на потребна согласност, ниту акт со кој Владата дала согласност за Листата, согласно член 5 став 2 од Законот за определување на имиња на улици, плоштади, мостови и други инфраструктурни објекти, поради што Судот утврди дека овој законски услов не е исполнет.
Согласно член 5 став 2 од Законот за определување на имиња на улици, плоштади, мостови и други инфраструктурни објекти, за донесување одлука за промена на имињата е потребна претходна согласност од Владата.
Со донесувањето на Одлуката без потребната согласност од Владата, Општина Тетово го повредила начелото на владеење на правото, утврдено во член 8 став 1 алинеја 3 и член 51 од Уставот, како и член 5 став 2 од Законот за определување на имиња на улици, плоштади, мостови и други инфраструктурни објекти.
Текстот Без барање и согласност од Владата, Тетово ги сменило имињата на улиците, велат од Уставен по одлуката е превземен од МАКФАКС.

















