Специјалното обвинителство за борба против корупцијата и организираниот криминал во Албанија (СПАК) издаде налози за апсење на 20 лица и нареди превентивна заплена на имот во вредност од над 128,4 милиони евра. Истрагата е насочена кон меѓународна трговија со кокаин, а медиумите јавуваат дека дел од замрзнатите средства и недвижности се директно поврзани со земјиштето каде што се планира изградба на луксузен туристички комплекс зад кој стојат членови на семејството на Доналд Трамп.
Истрага за нарко-пари во крајбрежните недвижности
Според официјалното соопштение на Специјалното обвинителство, со истрагата се откриени сложени операции чија цел била прикривање на потеклото на нелегалните приходи од трговија со дрога и нивно интегрирање во формалната економија. Судските власти наредија заплена на неколку недвижности и купопродажни договори на атрактивни локации во Тирана, Паласа, Химара и други крајбрежни области.
Иако обвинителството не ја именува директно компанијата, дел од албанските медиуми ја поврзуваат со фирма за развој на недвижности за која се тврди дека има врски со земјишни трансакции во областа Звернец, на локација каде што е предвиден мега-туристичкиот проект раководен од Иванка Трамп и нејзиниот сопруг Џаред Кушнер. Истражувачкиот портал Репортер.ал наведува дека зад иницијалите А.Ш. најверојатно стои Артур Шеху, кој се јавува како клучен продавач на земјиштето на споменатата компанија. До саботата навечер, од вкупно 20 лица опфатени со налозите, уапсени се четири.
Масовни протести и притисок врз премиерот Еди Рама
Контроверзите околу изградбата на луксузниот комплекс на заштитеното крајбрежје веќе две недели предизвикуваат сериозни социјални немири. Илјадници граѓани секоја вечер излегуваат на масовни протести во главниот град Тирана, незадоволни од плановите за бетонизација на полустровот Звернец и еколошки ранливиот, ненаселен остров Сазан.
Villagers and environmental activists in Albania are protesting a luxury resort project linked to Ivanka Trump and Jared Kushner, warning it threatens a protected coastal ecosystem and accusing authorities of putting wealthy investors ahead of local communities. pic.twitter.com/eLRKT1yJkL
— Al Jazeera English (@AJEnglish) June 13, 2026
Демонстрантите, поддржани од еколошки здруженија и граѓански организации, инсистираат на итна суспензија на проектот, но и на политичка одговорност. На протестите јасно се артикулира барањето за оставка на албанскиот премиер Еди Рама, кој се соочува со обвинувања за фаворизирање на странски приватни интереси на штета на јавното добро и националното природно богатство. Од Специјалното обвинителство засега одбиваат да дадат дополнителни коментари за медиумите додека оперативните дејствија на терен сè уште траат.
Текстот Албанското обвинителство бара апсење на 20 лица и заплена на 128 милиони евра наводно поврзани со проектот на зетот на Трамп е превземен од МАКФАКС.













