Денес завршува учебната 2025/2026 година. Година што беше подобра од претходната и во која воведовме бројни новини во воспитно-образовниот процес, во интерес на учениците, наставниците, стручните соработници, како и на родителите и старателите. Благодарност до сите за поддршката и прифаќањето на промените. Уверена сум дека веќе ги гледаме првите позитивни резултати, што претставува дополнителен мотив да продолжиме со унапредувањето на образовниот систем, истакна министерката за образование и наука Весна Јаневска.

На сите основци и средношколци им честита за постигнатите успеси. Им посака убав летен распуст.

Порача дека наставниците се и остануваат најважниот столб на квалитетното образование.

„За дополнително да ја поттикнеме нивната мотивација и креативност, донесовме одлука за ново зголемување на платите за 7,5 проценти, со што кумулативниот раст во последните две години надминува 20 проценти.

Паралелно вложувавме во подобрување на условите за настава и работа, но и во создавање можности за професионален и кариерен развој. Реализиравме нови повици за напредување на наставниците и стручните соработници во звања ментор и советник во основното образование, а за првпат оваа можност се обезбеди и во средното образование.

Важно е да останеме партнери и во иднина“.

Јаневска изрази увреување дека заеднички ќе бидат реализирани сите цели и активности предвидени со Реформската агенда.

Посебна благодарност упати и до родителите и старателите.

„Во следната учебна година очекувам уште поголема проактивност и соработка, особено во справувањето со предизвикот на врсничкото насилство. Секој од нас има подеднакво важна улога во создавањето безбедна, мирна и поттикнувачка училишна средина.

Пред Министерството за образование и наука претстои работно лето. Во тек се повеќе значајни процеси на кои сме целосно посветени – реализацијата на државната матура, уписите во средното образование, набавката на нови учебници, изработката на нови наставни програми, забрзувањето на дигитализацијата, како и завршувањето на повеќе инфраструктурни инвестиции.

Задоволни од досега сработеното, продолжуваме мотивирано и посветено да создаваме уште подобри услови за успешна учебна 2026/2027 година“, вели Јаневска.

Текстот Заврши учебната година, за Јаневска била подобра од претходната, во следната очекува соработка со родителите за справување со врсничкото насилство е превземен од МАКФАКС.