Никица Корубин
Историјата (ἱστορία) е всушност истражување и проучување. Умовите на минатото кои сакале да раскажат за својата сегашност. Да ја разберат и да ја пренесат. За да може сите во нивно време и сите после нив да знаат, да знаат што се случило, како се случило и зошто се случило. Затоа што природата на човекот е единствена, но околностите се различни. Контекстот – таа омилена референца на секој историчар, археолог, историчар на уметност, етнолог – во кои нештата се случуваат, е она што ја определува реалноста.
И во тој контекст се крие сета мистика и мистерија, целата перцепција која ја крие суштината. Иако, контекстот е временски ограничен, всушност идејата за него е безвременска. Како што времето и просторот се секојдневие на секој археолог и историчар на уметноста. Кои знаат дека се’ што се случило некогаш, ќе се случи и сега. Исто или малку поинакво, токму тоа разбирање на текот на минатото е всушност разбирање на сегашноста.
Свежо, објективно и страсно, знаење поради знаењето, знаење поради другите и за другите. Искуство кое генерациски се повторува. И тука секој наод и артефакт е драгоцен, од акрополите или некрополите сеедно, во археологија смрта е вредна колку и животот, затоа што таа го заокружува кругот на вечноста. Која секогаш ја бара својата Σοφία, мудроста, божјата премудрост и самото знаење. За да разбереме што ни се случува сега, мора да знаеме што се случило во минатото.
Како фасцинација од повторливоста и од креативноста. Како миг во историјата, кој остава трага, која се чита и восприема. Без конфликт и без страв. Со храброст и со одлучност. Да се знае, за да се живее и да се свати секој сегмент од животот. Секоја приказна има формален почеток и крај. Но, всушност секоја приказна живее на толку различни начини, колку што има различни разбирања.
И оваа приказна што заврши, всушнсот од историска временска дистанца, тукушто започна. Значи, што ни’ беше муабетот колега Арсим, или што ти беше муабетот? Муабетот кој ќе го продолжи секој што сака и знае, а такви секогаш ги има многу. Во сите приказни.





















