Триесет и седумгодишен Палестинец, кој добил азил во Грција, беше уапсен за време на викендот и обвинет за терористички дела поврзани со палестинската милитантна група Хамас, објави денеска Атинската новинска агенција.

Според полициски извори, мажот пристигнал во Грција од Појасот Газа пред околу една година и добил азил.

Тој бил уапсен во саботата на островот Крит, каде што работел во хотел.

Обвинет е за членство во Хамас и за обука за терористички цели, откако истражителите пронашле докази дека преку интернет нарачувал материјали за изработка на експлозиви, наведуваат полициски извори.

Полицијата соопшти дека запленила мобилни телефони, банкарски картички, лаптоп во две куќи во кои престојувал.

Властите истражуваат дали поминал обука за ракување со експлозиви надвор од Европа, најверојатно во Малезија, и дали планирал напад.

Мажот бил уапсен откако разузнавачките служби го поврзале со двајца клучни осомничени кои неодамна биле приведени на Кипар, како и со уште двајца наводни соучесници таму.

Кипарската полиција соопшти дека двајца мажи на возраст од 32 и 38 години се во притвор од 22 мај под сомнение за кривични дела поврзани со тероризам, откако при претреси на два објекта биле пронајдени материјали за изработка на експлозиви.

Текстот Под сомнеж за тероризам уапсен хотелски работник на Крит – грчките власти нашле докази е превземен од МАКФАКС.