Европските лидери денес ја потврдија својата посветеност на проширувањето на ЕУ на крајот од самитот ЕУ-Западен Балкан во Тиват и ја информираа Србија дека нејзиниот напредок кон членство зависи од спроведувањето на реформите и усогласувањето со европската надворешна политика, што значи дека Белград мора да избере помеѓу Европа, Русија и Кина.

На денешниот самит, кој помина без усвојување на заедничка изјава, лидерите на ЕУ и нејзините земји-членки ја потврдија својата посветеност на процесот на проширување на ЕУ, објави словенечката новинска агенција СТА.

Тие уште еднаш ја истакнаа Црна Гора како водечки кандидат, која се стреми да стане 28-ма членка на унијата до 2028 година, и ја повикаа Србија да се реформира и да ја усогласи својата надворешна и безбедносна политика со онаа на Европската Унија.

Мерц им рече на новинарите во Тиват дека Србија мора јасно да одлучи каде ја гледа својата иднина.

„Не е можно да се води политика на колебање помеѓу Русија, Кина и Европа“, беше јасен тој.

„Патот на Србија кон ЕУ е отворен, но таа мора да одлучи на чија страна ќе биде“, додаде Мерц.

Српскиот претседател Александар Вучиќ, јавува СТА, потврди по состанокот дека неколку земји инсистирале на прашањето за санкции против Русија поради војната во Украина, кои Србија сè уште не ги вовела.

„Тие го побараа тоа од нас“, рече тој.

Вучиќ ги оцени разговорите како позитивни, а како најважна ја истакна француско-германската иницијатива за поедноставување или забрзување на процесот на проширување.

„Ние целосно го поддржуваме ова. Ова ќе ја промени динамиката и енергијата на процесот на пристапување во ЕУ. Ова значи дека кога ќе постигнете нешто, можете да седнете на маса“, рече тој.

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, по самитот нагласи дека Србија има многу јасни правила за отворање на нов, трет сет поглавја од преговорите. Според неа, станува збор за реформи во областите на владеењето на правото, слободата на медиумите и изборното законодавство, а ова мора да биде усогласено и со заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ.

Во меѓувреме, претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, изјави дека српските власти, со кои се сретна во четврток во Белград, многу јасно се обврзале на одредена временска рамка.

„Врз основа на нивното спроведување, Европската комисија ќе подготви проценка, а Советот на ЕУ ќе одлучи дали е дојдено време за отворање на третата рунда преговори“, објасни тој.

Текстот ЕУ ја гледа Црна Гора како 28-ма членка, ѝ порача на Србија: Одлучете се е превземен од МАКФАКС.