Заменик министерката за животна средина и просторно планирање, Ане Лашкоска, заедно со амбасадорот на Швајцарската Конфедерација во земјава, Кристоф Зомер, денеска се обратија на официјалното започнување на проектот „Отпорни и ефикасни комунални претпријатија во МК“.

На настанот присуствуваа претставници на општините и јавните комунални претпријатија – корисници на проектот, државни институции, меѓународни организации, донатори и развојни банки, граѓански организации, претставници на сродни проекти и медиуми.

Проектот, кој се реализира со поддршка на Владата на Швајцарската Конфедерација преку Државниот секретаријат за економски прашања (SECO), има за цел да ја зајакне отпорноста и ефикасноста на јавните комунални претпријатија преку подобрување на нивното оперативно и финансиско работење, унапредување на енергетската ефикасност и воведување современи решенија за одржливо управување со водните ресурси.

За реализација на проектот се обезбедени 6,5 милиони швајцарски франци грант од SECO, додека Министерството за животна средина и просторно планирање учествува со национална контрибуција од 0,5 милиони швајцарски франци. Проектот ќе се спроведува во период од пет години и ќе опфати седум општини и нивните јавни комунални претпријатија – Берово, Битола, Кочани, Куманово, Радовиш, Струмица и Виница.

Во рамки на проектот се предвидени активности за модернизација на инфраструктурата, примена на меѓународни стандарди за воден биланс, подобрување на енергетската ефикасност, интегрирање на обновливи извори на енергија, воспоставување системи за мониторинг на клучните параметри на работењето, како и зајакнување на институционалните и управувачките капацитети на јавните комунални претпријатија.

Во своето обраќање, Лашкоска истакна дека отпорните и ефикасни комунални претпријатија претставуваат еден од клучните предуслови за одржлив локален развој, подобри услуги за граѓаните и поуспешно справување со последиците од климатските промени.

„Денес повеќе од кога било е јасно дека инвестициите во комуналниот сектор се инвестиции во отпорноста на нашите заедници. Современите и ефикасни јавни претпријатија не значат само подобра инфраструктура, туку и посигурно водоснабдување, поодржливо управување со ресурсите, поголема енергетска ефикасност и повисок квалитет на живот за граѓаните. Затоа, зајакнувањето на капацитетите на локалните комунални претпријатија претставува инвестиција во иднината на нашите општини и во благосостојбата на граѓаните“, истакна Лашкоска.

Таа нагласи дека Министерството за животна средина и просторно планирање останува посветено на создавање модерни, финансиски одржливи и климатски отпорни јавни услуги, во согласност со европските политики за одржливо управување со природните ресурси и целите на зелената транзиција.

Осврнувајќи се на долгогодишната соработка со Швајцарската Конфедерација, Лашкоска оцени дека станува збор за партнерство кое со години создава конкретни и мерливи резултати во водниот сектор, локалниот развој и заштитата на животната средина.

„Швајцарија е еден од нашите најзначајни и најдолгорочни партнери во реформите на водниот сектор. Овој проект е уште една потврда дека најуспешните решенија се создаваат кога инвестициите, експертизата и институционалната посветеност се обединети околу заедничка визија – подобри услуги за граѓаните и поодржлив развој на локалните заедници“, порача Лашкоска.

Очекуваните резултати од проектот ќе придонесат за намалување на загубите во системите, поефикасно користење на енергијата, подобрување на финансиската одржливост на комуналните претпријатија и поквалитетни услуги за населението. Истовремено, подобрените комунални услуги ќе ја зголемат атрактивноста на општините за нови инвестиции, ќе создадат подобри услови за локален економски развој и ќе придонесат кон исполнување на националните и европските цели во областа на животната средина и климатската отпорност.

Текстот Лашкоска: Инвестициите во комуналниот сектор се инвестиции во отпорноста на заедниците и европската иднина на државата е превземен од МАКФАКС.