Тамара Тодевска е повторно во фокусот на македонската музичка сцена, овојпат со новиот сингл „Драма квин“, со кој официјално ја отвора вратата кон нејзиниот нов студиски албум „Кукла жива”.

Песната е потпишана од Коста Петров и самата Тамара, а аранжманот го потпишува Емин Џијан во соработка со ансамбл од над 50 музичари и хор – звук кој јасно зборува за амбицијата и размерот на проектот.

Спотот е снимен во студиото „Takat”, а е во режија на Мартин Трајановски со кој Тамара има работено на повеќе нејзини проекти низ годините.

„Кукла жива” е албум со 10 нови песни, снимени во целост со живи инструменти, а проектот носи и уште едно историско обележје – тоа е првиот визуелен албум создаден во Македонија.

Во врска со новата песна и целиот музички проект, Тамара посочува:

„Ова е само мал дел од она што следува – албум на кој работат некои од најдобрите музичари во Македонија, комплетно сниман со живи инструменти и песни кои се инспирирани од различни периоди на мојот живот. „Драма квин“ е брза и динамична песна, а навистина уживавме во текот на снимањето на визуелниот дел… На спотот работев со луѓе со кои сум работела и претходно, дел од нив се мои повеќегодишни соработници, но и пријатели, па затоа лесно се разбиравме во креативниот дел и во она што сакаме да го постигнеме како финален производ, не само за оваа песна туку и за останатите“ – посочува таа.

„Драма Квин” е достапна на официјалниот YouTube канал на Тамара Тодевска, а наскоро ќе биде достапен и на сите дигитални музички платформи.

 

Инаку, Тамара Тодевска и нејзиниот тим веќе се подготвуваат и за големиот солистички концерт и концертна промоција на албумот „Кукла жива“, која ќе се случи на 3. октомври (сабота) во арената „Борис Трајковски“. Картите се пуштени во продажба.

 

Текстот (Видео) Тамара Тодевска го објави првиот сингл „Драма квин“ од визуелниот албум „Кукла жива“ е превземен од МАКФАКС.