Странски разузнавачки агенции инсталирале шпионски софтвер на паметните телефони на високи руски функционери со цел да ги прислушуваат и шпионираат, објави денес Руската Федерална служба за безбедност (ФСБ).

Податоците се извлечени од паметни телефони со користење на технологиите на американските ИТ компании Fastly и Cloudflare, објавува РИА Новости.

„Прислушувањето на телефоните на високи руски функционери со користење на шпионски софтвер стана една од најголемите операции што ги спроведуваат странските разузнавачки агенции“, изјави оперативец на ФСБ, објавува ТАС.

Според него, странските разузнавачки служби планирале директно да собираат податоци за контакти, планови и јавно расположение, без посредници како што се невладини организации.

ФСБ објави дека обидите за собирање податоци биле извршени преку таен пристап до содржина и преписка, прислушување на телефонски разговори, аудио и видео следење на околината околу уредот и собирање на геолокациски и контактни податоци.

„Западните разузнавачки агенции веруваа дека ќе биде полесно и поевтино масовно хакирање мобилни телефони отколку регрутирање скапи информатори меѓу оние што чуваат државни тајни“, забележа ФСБ, како што објави Танјуг.

Истрагата е во тек, а против членовите е покрената кривична постапка за неовластен пристап до компјутерски информации и создавање и дистрибуција на шпионски софтвер.

Текстот Странски разузнавачки агенции ги прислушкувале телефоните на високи руски функционери е превземен од МАКФАКС.