Вчера во Скопје се одржа Седмиот конгрес на НСДП на кој за претседател беше избран Горан Мисовски, досегашниот претседател на партијата. На Конгресот беа избрани Централен одбор со 70 члена и Надзорен одбор со 9 члена.
Покрај изборот на претседател на партијата и партиски органи за мандатниот период 2026-2030 година, делегатите на Конгресот го разгледаа и усвоија Извештајот за работата на НСДП за периодот 2022-2026 година.
Седмиот конгрес на НСДП усвои и неколку програмски документи: Декларација за заштита на трудот, Декларација за намалување на прекарната работа и несигурниот работен однос, како и Етички кодекс на НСДП.

„НСДП ја усвои Декларацијата за заштита на трудот имајќи ги предвид тешката општествена и економска положба на обичните работници, нефункционирањето на економско-социјалниот дијалог, понижувањето на синдикалната борба, како и отсуството на реални кризни мерки за поддршка на најранливите и најзагрозените граѓани. Затоа VII Конгрес на НСДП ја реафирмира заложбата за заштита на трудот и за негово вистинско вреднување во процесот на создавање и распределба на општественото богатство. НСДП останува на уверувањето дека економскиот напредок има смисла само доколку се одразува врз животниот стандард и сигурноста на граѓаните. НСДП со оваа Декларација ја афирмира идејата дека трудот не е само фактор на производство – трудот е капитал, општествена вредност и темел на демократското општество“, соопштија од партијата.
Од таму велат дека партијата е определена за доследна и принципиелна борба против корупцијата, злоупотребата на функцијата и судирот на интереси, како и за воспоставување и унапредување на систем на финансиска транспарентност, отчетност и одговорно управување со јавните ресурси, како предуслов за градење доверба на граѓаните во институциите и политичките субјекти.
Текстот Горан Мисовски реизбран за претседател на НСДП е превземен од МАКФАКС.






















