Иранската револуционерна гарда соопшти дека гаѓала американска воздухопловна база откако американската војска извршила, како што официјален претставник на Вашингтон ги нарече напади насочени кон операцијата со беспилотни летала на Иран во близина на Ормускиот теснец

Ова се случи неколку часа откако претседателот Доналд Трамп ги отфрли извештаите дека е блиску до компромисен договор со Техеран.

Ескалацијата на непријателствата ги истакна заканите за кревкото примирје меѓу САД и Иран што стапи на сила на почетокот на април, намалувајќи ги надежите за мировен договор и повторно зголемувајќи ги цените на нафтата. Американски функционер, кој зборуваше под услов да остане анонимен за да разговара за воените операции, за Ројтерс изјави дека војската соборила четири ирански дронови за напад и погодила копнена контролна точка во пристанишниот град Бандар Абас, која требало да лансира петти дрон.

„Овие акции беа одмерени, чисто одбранбени и насочени кон одржување на прекинот на огнот“, рече функционерот. Корпусот на Исламската револуционерна гарда (ИРГЦ) соопшти дека ја таргетирале американската база како одговор на американскиот напад рано наутро во близина на аеродромот Бандар Абас, објави новинската агенција „Тасним“. ИРГЦ соопшти дека ја таргетирала американската воздухопловна база од која бил започнат нападот врз контролниот пункт во близина на Бандар Абас.

Кувајт – дом на големата американска база, соопшти дека реагирал на нападите со ракети и беспилотни летала, без да прецизира од каде доаѓаат нападите.

Израел, кој се бори против милитантите на Хезболах поддржани од Иран во јужен Либан, исто така објави дека се активирани сирени за предупредување за активноста на непријателските авиони во северен Израел.

Трамп: Ниту една земја нема да го контролира теснецот

Војната уби илјадници луѓе и ги зголеми глобалните цени на енергијата откако започна на 28 февруари со нападите на САД и Израел. Трамп постојано повторуваше дека е блиску до договор.

На состанокот на кабинетот на кој присуствуваа медиумите во средата, Трамп го отфрли извештајот на иранската државна телевизија дека добил неофицијален нацрт-договор за враќање на комерцијалниот превоз низ теснецот на нивоата пред војната во рок од еден месец, при што Иран и Оман заеднички ќе го управуваат сообраќајот.

Трамп рече дека ниту една земја нема да има контрола врз водниот пат и му се закани на Оман, земја со која САД имаат децениски воени и економски врски.

„Никој нема да го контролира теснецот“, рече Трамп. „Ова се меѓународни води и Оман ќе се однесува како и сите други или ќе мора да ги дигнеме во воздух. Тие го разбираат тоа, ќе бидат добро.“

Трамп додаде дека сè уште не е задоволен од договорот со Иран и дека САД не разговараат за ублажување на санкциите врз земјата.

Текстот Трамп: „Ниту една земја нема да го контролира теснецот“ е превземен од МАКФАКС.