Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска учествува на министерскиот состанок на НАТО што се одржува во Хелсингборг, Кралството Шведска.
Пред почетокот на состанокот, Муцунски истакна дека средбата претставува важна можност, речиси една година по Самитот во Хаг, „да се види тоа што е постигнато од Хаг, но и во светло на претстојниот многу важен самит во Анкара“.
Тој нагласи дека во фокусот на разговорите ќе бидат инвестициите во одбраната, развојот на одбранбените индустрии и континуираната поддршка за Украина, посочувајќи дека „ќе дискутираме за многу посветената поддршка што ја обезбедивме како сојуз за Украина и какви се нашите планови понатаму“.
Муцунски додаде дека состојбите на Блискиот Исток, но и Западниот Балкан, неизбежно ќе бидат дел од дискусиите, при што посочи дека Западниот Балкан останува „област во Европа каде што постои сериозно злонамерно влијание од надворешни фактори и каде што сè уште постојат безбедносни ризици“.
Воедно, тој нагласи дека „НАТО е сојуз кој станува сè посилен благодарение на нашата посветеност на 5% трошење за одбрана“, оценувајќи дека состанокот ќе биде можност да се разговара и за предизвиците, но и за можностите пред Алијансата.
Текстот Муцунски од Хелсингборг: во фокусот инвестициите во одбраната, Украина и Западниот Балкан е превземен од МАКФАКС.























