Шефицата на бугарската дипломатија Велислава Петрова се сретна со потсекретарката за политички прашања во Стејт департментот на САД, Алисон Хукер. Разговорот се одржа во рамки на Средбата на министрите за надворешни работи на НАТО во Хелсингборг, Шведска, соопштува МНР на Бугарија, пренесува Трибуна.

Петрова го акцентираше пристапувањето на Бугарија кон Програмата на САД за безвизно патување што е можно поскоро. Министерката го истакна исполнувањето на техничките критериуми од бугарска страна, како и важноста од укинувањето на туристичките и деловните визи за бугарските граѓани и во контекст на балансот во стратешките односи меѓу Бугарија и САД. Во рамки на разговорот американската страна ја потврди својата посветеност да продолжат дискусиите за поставеното прашање.

Како стратешки партнери и сојузници во НАТО, Бугарија и САД ја потврдија својата подготвеност да продолжат со заедничката работа за зајакнување на соработката во областа на безбедноста и одбраната, модернизацијата на бугарските вооружени сили, енергетската диверзификација, трговијата и инвестициите, науката и технологијата.