Претседателката на Комисијата за еднакви можности на жените и мажите, Жаклина Пешевска, денеска, оствари средба со д-р Аким Али, претставник на СЗО во Република Северна Македонија, на која се разговараше за продолжување на соработката во борбата против насилството врз жените и девојчињата и за јакнење на институционалниот одговор.
Во разговорот беше истакната важната улога на Комисијата, која има одржано надзорна расправа, вклучително и јавни расправи посветени на насилството врз жените и спроведувањето и измените во Законот за спречување и заштита од насилство врз жените и семејното насилство. Беше нагласена и потребата од континуитет во институционалниот одговор и следењето на имплементацијата на законските обврски.
Разговараa и за пошироките аспекти на родовата еднаквост и социјалната правда, вклучително и за предизвиците со кои се соочуваат жените во различни сфери од општеството, во политиката, економијата, здравствените услуги и секојдневниот живот, како и за важноста од политики што ги препознаваат различните форми на нееднаквост и ранливост. Како пример беше посочено и прашањето за породилното отсуство за жените во земјоделството, како значајна димензија на здравствена и социјална еднаквост.
Соговорниците се согласија дека за справување со насилството врз жените е потребен интегриран и координиран пристап, со силна меѓусекторска соработка и активна улога на здравствениот систем. Беше нагласено дека здравствените услуги често се првата точка на контакт за жените кои доживуваат насилство, поради што е важно здравствените работници навремено да ги препознаат знаците и да обезбедат соодветна поддршка и упатување.
На средбата беше потенцирана и важноста насилството врз жените соодветно да биде препознаено во здравствената регулатива и стратешките документи.
„Комисијата за еднакви можности на жените и мажите останува посветена на унапредување на политиките и законските решенија што придонесуваат за поголема заштита, еднаквост и достоинство за сите жени. Светската здравствена организација продолжува да работи со институциите и со партнерите од Обединетите нации за зајакнување на координираниот одговор, со цел секоја жена без разлика каде живее да може да смета на систем кој ќе ја препознае, заштити и поддржи“, соопштија од Собранието.
Текстот Насилството врз жените и родовата еднаквост во фокусот на средбата Пешевска – Аким Али е превземен од МАКФАКС.























