„Да се говори вистината во време на опресија, исполнето со цинични лаги и лажни реалности, бара смирена храброст и бистрина на умот. Тоа е мечот на духовниот воин. Тоа е моќта на поезијата“, изјави познатата естонска поетеса Дорис Карева на отворањето на третото издание на Деновите на поезијата, кое се одржа во Скопје, во организација на фондацијата „Ацо Шопов – Поезија“ и Скопје Сити Мол, од 14 до 16 мај.

Годинава се одбележаа бројни јубилеи на основоположници на современата македонска поезија и на современи автори; публиката слушаше стихови од нашите етаблирани поети но и од најмладите; ученици од основните и средни училишта од целата земја се натпреваруваа кој поубаво ќе прочита песна, а дел од нив учествуваа во интерактивни програми, пишуваа песни и ги читаа на поетската сцена. Денешните „Златни славејчиња“ ја потсетија публиката на времињата кога овој фестивал беше во зародиш; посетителите на Скопје Сити Мол пишуваа стихови на Sидот на поезијата, читаа песни од наши познати автори и заслужено добиваа пригодни подароци за нивното учество во обидот поезијата да се доближи што повеќе до широката публика. Во тој обид се вклучи и Поетскиот саем на книгата, новитет во нашата културна средина.

Покрај поезијата на Блаже Конески и Анте Поповски, до широката публика повторно допреа и стиховите на Лира Бојку, Петар Т. Бошковски, Атанас Вангелов, Ристо Василевски, Видое Видичевски, Вероника Димоска, Илхами Емин, Гордана Јовиќ-Стојковска, Ефтим Клетников, Васил Куноски, Саранда Мехмеди, Нино Наумовски, Волче Наумчески, Елена Пренџова, Васил Пујовски, Михаил Ренџов, Михајло Свидерски, Милена Силјаноска, Стефан Спасовски, Љупчо Стојменски, Јован Стрезовски, Виолета Танчева-Златева, Љубен Ташковски, Катица Ќулавкова, Светлана Христова-Јоциќ, Иван Чаповски и Лејла Шериф Емин.

Врски помеѓу поезијата и публиката воспоставуваа Дамјан Атовски, Јулијана Величковска, Софија Гогова-Врчаковска, Теона Крстеска, Сергеј Настески, Андреј Наунов, Владимир Мартиновски, Андреј Медиќ Лазаревски, Петар Ренџов, Поетроника (Андреја Салпе и Оливер Митковски), Никола Ристановски, Антонио Трајковски, Игор Џамбазов и Јасмина Шопова.

Програмата беше реализирана во соработка со Култура Бета, Литература.мк, Македонскиот ПЕН центар, ПНВ Публикации, Сојузот на здруженијата за македонски јазик и литература, Синеплекс, Факултетот за драмски уметности, Факултетот за музичка уметност, Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ и Чудна шума.

Се покажа дека моќта на поезијата е да ги споделува со сите нас човековите соништа, како што одамна кажа Ацо Шопов, духовниот татко на манифестацијата.

Текстот Која е моќта на поезијата и што ни донесоа Деновите на поезијата?  е превземен од МАКФАКС.