Операционите сали на Градската општа болница „8 Септември“ се обновени со 12 милиони евра од ТАВ, но ќе бидат ставени во функција за околу два месеци кога се очекува да се обезбедат сите дозволи за работа, а здравствените работници да поминат обуки за работа со новата опрема. Денес низ обновените сали свечено се прошетаа премиерот, министрите за здравство и транспорт заедно со претставници од ТАВ. Директорот на ТАВ Македонија, Неџат Курт кажа дека се обновени вкупно 4.334 квадратни метри.

„Има 7 специјализирани операциони сали кои опфаќаат површина од 634 квадратни метри, оддел за интензивна нега со површина од 460 квадратни метри, административни канцеларии со површина од 620 квадратни метри, реконструирана покривна конструкција  со површина од 1820 квадратни метри, оддел за патологија и клинички лаборатории кои опфаќаат површина од 800 квадратни метри како и придружни простории.  Важно е да нагласиме дека не се работи само на квадратни метри туку  сите овие операциони сали и простории за интензивна нега се опремени со најсовремената опрема, секако во согласност со најновите медицински стандарди и препораки. Се што видовме од опрема во обиколката е уникатно и го нема во други институции во околината“, рече директорот на ТАВ Македонија, Курт.

За ги примат првите пациенти во обновените делови од болницата, директорот на Градската општа болница (ГОБ) „8 Септември“, Синиша Стојаноски, вели дека има уште неколку фази кои мора да се поминат.

„Она што сега ќе следува, најпрво е обезбедување стерилни услови и запазување на условите за сепса и антисепса. Ова е можеби последен пат кога цивилни лица ќе имаат пристап до овој дел од болницата. Вториот момент е опремата е таква за која што ќе има потреба нашите вработени, кои што се дел од оперативниот блок, да поминат адекватна обука. Тоа е опрема која треба да остане во наредните минимум 20 години, да биде функционална и да служи во болницата. Следува фазата кога сите надлежни инспекторати ќе треба да го поминат просторот, потоа да издадат употребна дозвола за ние како корисници да имаме право да направиме технички прием“, рече директорот Стојаноски и нагласи дека лично ќе ја известува јавноста за секоја тековна активност се додека оперативниот блок не биде целосно ставен во функција.

Премиерот Христијан Мицкоски потсети во каква состојба беше објектот.

„Пред реконструкцијата на овој објект во овие сали се влегуваше со чадор. Сигурно ќе го поставите прашањето- како со чадор? Кога врнеше, овде прокиснуваше, покривот течеше. Тоа што вие сега не можете да го видите, а исто така опфаќа дел од оваа реконструкција е целосната реконструирање на  покривната  конструкција каде што се сместени клима-коморите кои обезбедуваат третиран воздух, кондициониран, со сите физички параметри- влажност, чистота, притисок и така натаму. Но, исто така и оној дел каде што се сместени чилерите и другата електромеханичка опрема која е во подножјето на објектот. Кога сето тоа ќе се заокружи ќе ја добиеме целината која претставува нешто модерно, современо и кое што во регионот не постои, без разлика дали станува збор за јавно или за приватно здравство и нешто со кое ние како граѓани треба да се гордееме бидејќи го имаме денеска во јавното здравство. Благодарност на сите кои учествуваа во реконструкцијата на овој значаен проект за македонското здравство и за регионот би рекол, бидејќи вакви услови, северно до Виена, немаме “, рече премиерот Мицкоски.

Министерот за транспорт и врски, пак, Александар Николоски кажа дека одлуката за обнова токму на оваа болница ја донел премиерот Мицкоски веднаш откога беше избрана сегашната Влада оти сакале со парите концесионерот на двата аеродрома, ТАВ Македонија, да направат нешто што ќе остане и следните  генерации.

Текстот Овде се влегуваше со чадор, течеше покривот, а сега на север до Виена нема вакви услови, рече Мицкоски за обновата на ГОБ „8 Септември“ е превземен од МАКФАКС.