Германија го отфрли предлогот на рускиот претседател Владимир Путин, поранешниот германски канцелар Герхард Шредер да посредува во евентуални преговори меѓу Европска Унија и Русија за мировен договор во Украина.
Предлогот следуваше откако претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, изјави дека постои „потенцијал“ Европската Унија да разговара со Русија за идната безбедносна архитектура во Европа.
Путин изјавил дека доколку дојде до такви разговори, негов најпосакуван посредник би бил токму Шредер.
Сепак, германски официјален претставник за агенцијата Ројтерс изјавил дека понудата не е веродостојна, бидејќи Москва не променила ниту еден од своите услови поврзани со војната во Украина.
„Првиот вистински тест би бил дали Русија е подготвена да го продолжи тридневното примирје“, изјавил германскиот претставник, кој инсистирал на анонимност.
Берлин ја обвини Москва за обид да го подели Западот
Според истиот извор, Путин изнел „низа неискрени понуди“ со цел да создаде поделби меѓу западните сојузници.
Портпаролот на германската влада во петокот соопштил дека Берлин не гледа знаци оти Москва е заинтересирана за сериозни мировни преговори.
Воедно било нагласено дека какви било разговори меѓу Европската Унија и Русија мора да бидат тесно координирани со земјите членки и со Украина.
Шредер со години е критикуван поради врските со Кремљ
По заминувањето од функцијата канцелар во 2005 година, Шредер презеде високи позиции во германско-руски енергетски компании поврзани со гасоводни проекти.
Поради блиските односи со Путин, тој со години е изложен на остри критики во Германија, особено по почетокот на руската инвазија врз Украина.
Текстот Путин предложи поранешниот германски канцелар да посредува во преговорите, Берлин одби е превземен од МАКФАКС.























