Првиот авион со патници евакуирани од крузерот МВ Хондиус, погоден од епидемија на Хантавирус, полета од Тенерифе кон Мадрид. Станува збор за мала група шпански патници кои по пристигнувањето ќе бидат ставени во карантин во воената болница „Гомез Уља“.

Патниците од бродот се евакуираат во групи според националност и со мали чамци се префрлаат до брегот.

На снимките од операцијата се гледаат патници со медицински маски и сини заштитни мантили, додека здравствените служби носат целосни заштитни одела.

По пристигнувањето на копно, патниците со автобуси се префрлаат до аеродромот, каде што со чартер-летови се испраќаат во своите матични држави.

Франција испрати специјален медицински лет

Пет француски патници веќе заминале со специјален медицински авион кон Париз.

Француските власти соопштија дека тие ќе бидат задржани 72 часа во болница за тестирања и набљудување, по што ќе продолжат со домашна изолација од 45 дена под надзор на здравствените служби.

Францускиот премиер Себастијан Лекорну свикал итен состанок со министрите и здравствените власти поради ситуацијата.

Патници од повеќе држави се враќаат дома

Шпанската министерка за здравство Моника Гарсија изјави дека во текот на денот се организираат летови за државјани на Холандија, Германија, Белгија, Грција, Франција, Велика Британија, Ирска, Канада, Турција и САД.

Последниот лет се очекува да замине кон Австралија.

Светската здравствена организација: Нема опасност од пандемија

Генералниот директор на Светска здравствена организација, Тедрос Аданом Гебрејесус, порача дека според досегашните проценки не постои ризик од пошироко ширење на вирусот. Тој нагласи дека иако станува збор за сериозна болест, не се очекува нова пандемија.

Бродот ќе продолжи кон Ротердам

Операторот Оушнвајд Експедишнс соопшти дека по завршувањето на евакуацијата, бродот ќе земе дополнителни резерви во Тенерифе, а потоа ќе продолжи кон Ротердам. На бродот ќе остане ограничен број членови на екипажот, а пловидбата до Холандија ќе трае околу пет дена.

Три смртни случаи поврзани со вирусот

Епидемијата на бродот досега се поврзува со три смртни случаи.

Хантавирусот првпат бил потврден кај патник на 2 мај, иако уште на почетокот на април биле пријавени симптоми кај еден холандски патник кој подоцна починал.

Текстот (Фото) Првиот авион со евакуирани патници од крузерот погоден од хантавирус полета од Тенерифе е превземен од МАКФАКС.