Во срцето на Европа, на сцената на престижниот културен центар „BOZAR“ во Брисел, Националниот џез оркестар ја изведе концертната програма „Macedonian Dreams“, претставувајќи уникатен музички спој на македонската традиција и современиот џез израз.

Под диригентската палка на маестро Владимир Николов, оркестарот ја поведе публиката низ музичко патување инспирирано од богатото македонско музичко наследство, преобликувано во современ џез јазик.

Концертот беше збогатен со гостин-солистот, извонредниот белгиски саксофонист Nicolas Kummert, чиј префинет уметнички сензибилитет и впечатлива интерпретација внесоа дополнителна длабочина во концертната вечер.

Концертот беше проследен со исклучително топол прием и внимание од публиката, а бројните позитивни реакции и впечатоци по настапот претставуваат силна потврда дека музиката, кога е искрена и автентична, создава непосредна комуникација и трајна поврзаност со публиката, надминувајќи ги сите граници.

Настапот во „BOZAR“ беше реализиран во рамки на манифестацијата „Денови на македонската култура“ во Белгија, организирана и поддржана од Министерството за култура и туризам, со чија поддршка се овозможува значаен придонес во континуираната афирмација и меѓународна видливост на македонската култура и уметност.

Националниот џез оркестар со особена гордост ја претстави македонската музичка традиција пред европската публика, на сцената на еден од најпрестижните културни центри во Европа.

Текстот Националниот џез оркестар одржа концерт „Macedonian Dreams“ во Брисел е превземен од МАКФАКС.