Општина Кисела Вода денеска го одбележа својот патрон празник, 6 мај, Ѓурѓовден. Годишното чествување понуди содржајна програма. Во знакот на духовноста, традицијата и обичаите беа сите активности кои го одбележаа овој ден, спојувајќи ги верските чествувања со културното наследство и пренесувањето на вредностите на новите генерации.
Празнувањето започна утринава со свечена литургија во црквата „Свети Ѓорѓи“, на која заедно со граѓани и верници, присуствуваше градоначалничката Бети Стаменкоска Трајкоска.

По богослужбата, следуваше цветно дефиле во кое учествуваа ученици од трето одделение од сите основни училишта во Кисела Вода, придружувани од членовите на КУД „Китка“. Децата, со цветни мотиви и венчиња кои самите ги изработија на работилници посветени на празникот во текот на изминатите денови, се движеа по трасата од улицата „Христо Татарчев“, преку „Народни херои“ и булеварот „Борис Трајковски“, завршувајќи во паркот „Шопен“. Таму продолжи манифестацијата со приредба и настапи на ученици и деца од локалните детски градинки и училишта, кои преку песна и игра ги презентираа традиционалните обичаи.

На настанот се обрати градоначалничката Бети Стаменкоска Трајкоска, која го честиташе празникот и се осврна на важноста на институционалното зачувување на обичаите.

-Како најстара скопска општина, Кисела Вода има долга историја и уште поголема обврска, да ги негува вистинските вредности и да го чува културното наследство. Овој празник е длабоко вкоренет во нашата традиција како симбол на здравје, напредок и нов почеток, и токму затоа секоја година го одбележуваме со голема радост. Цвеќето е нераскинлив дел од Ѓурѓовденските обичаи, и навистина е убаво да се види како најмладите преку еден ваков настан се запознаваат со традицијата-изјави градоначалничката Стаменкоска Трајкоска.
По нејзиното обраќање, проф. д-р Велика Стојкова Серафимовска, пратеник и експерт на УНЕСКО за нематеријално културно наследство, одржа едукативен говор во кој стручно ги образложи потеклото и значењето на Ѓурѓовден, како и симболиката на традиционалните обичаи поврзани со овој празник.























