Традиционалниот спортски куп „Св. Ѓорѓи“ започна денес со натпревари во футсал. На настанот присуствуваше градоначалничката на Општина Кисела Вода, Бети Стаменкоска Трајкоска, која по завршувањето на натпреварите лично им ги додели пехарите и дипломите на најуспешните учесници.
Првиот ден од турнирот го одбележа триумфот на футсал селекцијата на Кисела Вода. „Талентираните фудбалери од оваа општина докажаа дека во овој момент се неприкосновени на теренот, покажувајќи одлична подготвеност во сите соочувања. Во полуфиналната средба, селекцијата на Кисела Вода беше подобра од своите врсници од Општина Сопиште со резултат од 6:0, додека во финалето, избраниците на тренерот Игор Зафировски извојуваа победа над селекцијата на Општина Ѓорче Петров со резултат од 4:0“.
Во борбата за третото место, селекцијата на таленти од Општина Бутел ја совлада екипата на Сопиште со 6:0. За најдобар играч на турнирот беше прогласен Калин Аврамоски од победничката селекција на Кисела Вода.
Спортските активности во рамките на купот продолжуваат утре со полуфиналните средби во одбојка за девојчиња. Во првиот натпревар со почеток во 12:30 часот ќе играат селекциите на Општина Кисела Вода и Општина Аеродром, додека во второто полуфинале ќе се сретнат талентите од општините Центар и Карпош.
Текстот Започна традиционалниот спортски куп во Кисела Вода: градоначалничката Стаменкоска Трајкоска ги додели првите пехари е превземен од МАКФАКС.























