Азир Алиу
Пред, за време и по Меѓународниот ден на трудот – 1 Мај, медиумскиот и јавниот простор секоја година се исполнуваат со зборови што ги изговараме со различна сила: труд, плата, достоинство, права, сигурност. Намерата зад тие пораки е добра – да се потсети на потребата од почитување на работникот и унапредување на неговото севкупно достоинство во системот. Но што навистина значи да се почитува работникот?
Нашата колективна меморија и искуство почитта кон работникот најчесто ја врзуваат за висината на платата, работното време, правото на одмор, социјалната сигурност и неговиот глас во општеството. Но во времето во кое живееме, тоа повеќе не е доволно. Работникот не е само економска категорија, ниту број во статистика за продуктивност на процесите во кои учествува со својот труд. Тој е човек со тело што се заморува, со срце што реагира на притисок, со бели дробови што го дишат воздухот што му го оставаме, со семејство кај кое треба да се врати не само доволно платен, туку и здрав.
Токму затоа, здравјето на работникот не завршува со платата. Оваа реченица денес има поголема тежина отколку порано, затоа што условите во кои се работи се менуваат побрзо од нашите навики и институционални рефлекси. Она што некогаш го нарекувавме „тешки временски услови“, денес сè почесто станува здравствен ризик. Топлината повеќе не е само климатска тема за која се зборува во летните месеци, туку тема на трудот, јавната безбедност, ургентната медицина и превентивното здравство.
Климатската криза долго време ја препознававме како прашање на природата: на шумите, реките, земјоделството, енергетиката и животната средина. Но нејзиниот најконкретен јазик сè почесто не е јазикот на климатските извештаи, туку јазикот на човечкото тело: дехидратација, исцрпеност, топлотен удар, влошена хронична болест, забрзан пулс, отежнато дишење, нарушена концентрација, поголем ризик од повреда.
Со други зборови, климатската криза станува дел од здравствената дијагноза на нашето време.
Таа не доаѓа подеднакво кај сите нас, на различен, индивидуализиран, начин се соочуваме со нејзините последици. Нејзините последици први ги чувствуваат оние што немаат привилегија лесно да се засолнат: градежниот работник што стои на бетон кој ја рефлектира топлината; земјоделецот што не може да ја одложи работата затоа што родот ја следи динамиката на природата, а не динамиката на човековите социјални потреби; доставувачот, патниот работник, пожарникарот, полицаецот, работникот во индустриска хала, но и здравствениот работник кој, во денови на зголемен притисок, ја чувствува топлината не само како температура, туку и како дополнителен товар врз системот.
Во канцеларија, топлотниот бран често е непријатност што може да се регулира со клима-уред, работа од дома или поместување на дневниот ритам. На градилиште, на нива, на улица, во производствен погон или во возило без соодветни услови, тој станува нешто многу посериозно: дел од самите услови во кои се извршува работата.
Во 2025 година, Светската здравствена организација и Светската метеоролошка организација предупредија дека топлинскиот стрес на работното место станува глобален општествен предизвик. Нивните анализи посочуваат дека екстремните топлотни настани стануваат почести и поинтензивни, со ризици и за работниците на отворено и за оние во затворени простории. Здравствените последици не се апстрактни: топлотен удар, дехидратација, нарушена функција на бубрезите, невролошки нарушувања и долгорочни последици врз здравјето и економската сигурност на луѓето. Истите анализи покажуваат дека продуктивноста на работниците се намалува за 2 до 3 проценти за секој степен над 20°C според индексот на топлински стрес.
Во овој нов општествен контекст, сè посилно изложен на климатски промени, првата грижа на здравствениот систем никогаш не смее да биде само изгубениот работен час. Првата грижа мора да биде човекот што може да го изгуби здравјето.
Низ оваа перспектива, 1 Мај добива ново, современо значење. Историски, тој беше симбол на борбата за работно време, за плата, за синдикално организирање, за правото работникот да не биде потрошен како материјал во фабричкиот ритам на индустриската ера. Денес, во климатската ера, истата вредносна борба добива нова форма: право на безбедни услови во свет што станува потопол, понепредвидлив и посуров кон оние што работат со сопственото тело.
Македонија не е надвор од оваа реалност. Напротив, како земја изложена на топлотни бранови, пожари, поплави и други климатски ризици, ние мораме сè посериозно да ја артикулираме климатската нестабилност како дел од здравствената агенда.
Важно е, притоа, да кажеме дека не почнуваме од празно место. Македонија има Национален акциски план за превенирање на последиците од топлотните бранови врз здравјето на населението, со цел да се намалат заболувањата и смртноста поврзани со екстремни температури и топлотни бранови. Тоа е важна институционална основа, затоа што покажува дека топлината веќе е препознаена како јавноздравствен ризик, а не само како климатска непријатност.
Но денес мора да бидеме искрени, постоењето на план, протокол или препорака само по себе не е доволно. Во време кога топлотните бранови стануваат почести, подолги и поинтензивни, потребна е поширока институционална мобилизација и развој на системски сензибилитет за овој проблем. Тоа значи дека секоја институција – од здравството и трудовите инспекции, до општините, работодавачите, синдикатите, училиштата, домовите за стари лица, службите за заштита и спасување и медиумите -мтреба да знае кога ризикот почнува, кого најмногу загрозува, како се комуницира предупредувањето и кој конкретно треба да постапи.
Како министер за здравство, оваа тема ја гледам пред сè како прашање на превенција. Здравствениот систем не смее да биде само последната станица, местото каде што човекот пристигнува кога телото веќе ја изгубило битката со топлината, исцрпеноста или хроничната болест. Нашата обврска е порано да го препознаеме ризикот, појасно да го именуваме и поорганизирано да дејствуваме.
Во оваа насока, дигитализацијата може да има многу важна улога како инструмент за навремено предупредување, таргетирана комуникација и побрза реакција. Во светот веќе се развиваат дигитални алатки што не испраќаат само општа порака дека „ќе биде топло“, туку предупредување насочено кон конкретна ранлива група. Еден таков пример е мобилната апликација MotherHeat Alert, развиена во рамки на меѓународен проект за топлина и здравје, која е замислена да ги предупредува бремените жени, жените по породување и здравствените работници поврзани со мајчинската грижа кога во нивната област расте ризикот од топлина, заедно со конкретни совети како да се заштитат.Тоа е суштината на дигиталната превенција во здравството – не само испраќање на информација, туку навремена, насочена и употреблива здравствена порака.
Слична системска логика може да се развива и кај нас. Во денови на висок топлотен ризик, дигитален систем би можел да испраќа навремени известувања до матични лекари, општини, работодавачи, здравствени установи, домови за стари лица и граѓани од најранливите категории. Работодавачите би добивале јасни препораки за работно време, паузи, вода и засолниште; матичните лекари би биле предупредени да обрнат внимание на хронично болни и повозрасни пациенти; општините би можеле побрзо да активираат локални мерки, а здравствените установи навреме да се подготват за зголемен број пациенти со симптоми поврзани со топлина.
На овој начин дигитализацијата ја надминува идејата за административна модернизација и добива поважна функција – станува дел од јавноздравствената превенција: систем што предупредува, поврзува и насочува; систем што не чека последицата да се појави во ургентен центар, туку помага опасноста да се пресретне таму каде што настанува – на работното место, во домот, на улицата, во заедницата. Најдобрата здравствена политика често е онаа што спречила некој да стане пациент.
Меѓународната организација на трудот предупредува дека климатските промени создаваат „коктел“ од сериозни здравствени ризици за работниците, при што околу 70 проценти од светската работна сила е изложена на потенцијални здравствени ризици поврзани со климатските промени. Тие ризици не се сведуваат само на топлина, туку опфаќаат и ултравиолетово зрачење, загадување на воздухот, пестициди, зголемен ризик од повреди, респираторни и кардиоваскуларни заболувања, бубрежни нарушувања и последици врз менталното здравје.
Климатската криза ни покажува дека здравјето е премногу важно за да биде оставено во границите на еден сектор. Потребна е координација со трудовите инспекции, работодавачите, синдикатите, општините, образовните институции, центрите за социјална работа, Црвениот крст, службите за заштита и спасување и медиумите. Здравјето на работникот во услови на екстремна топлина е заедничка одговорност, не административна надлежност што може да се префрла од една институција на друга.
Но најважната промена, воедно и најтешка, е културна. Премногу долго издржливоста ја романтизиравме како доблест, дури и тогаш кога таа беше само друго име за занемарено здравје. Премногу често работникот што трпи се сметаше за „силен“, а оној што бара пауза, вода или заштита – за некој што не може да издржи. Таквата култура мора да се промени. Во време на климатски екстреми, паузата не е слабост, туку превенција, пристапот до вода е основна заштита, а сенката е услов за безбедност.
Во медицината добро се знае дека телото најчесто предупредува пред да се скрши. Малку вртоглавица, слабост, главоболка, мачнина, забрзан пулс, конфузија, пад на концентрацијата. Сигнали што лесно се занемаруваат во работен ден во кој задачата мора да се заврши, нормата да се исполни, рокот да се стигне. Но токму во тие мали предупредувања се крие просторот за превенција. Системот што ги игнорира подоцна плаќа многу повисока цена –човечка, здравствена, економска и морална.
Идејата не е секој топол ден да се прогласува за криза, туку државата да знае кога топлината престанува да биде само временска состојба и станува здравствен ризик. Разликата меѓу импровизација и политика е токму во тоа: политиката знае да препознае ризик, да назначи одговорност и да дејствува пред последицата да стане трагедија.
Работното место, затоа, мора да го гледаме како здравствена средина, односно како место каде секојдневно се создава, чува или губи здравјето. Во ера на сè поостри климатски промени, достоинствен труд значи и здравствено безбеден труд.























