Советничката група на СДСМ во Советот на Општина Кисела Вода побара итно свикување вонредна седница по трагичниот настан на градилиште, во кој загина работник, а неколкумина беа повредени.

Координаторката на советничката група Даниела Настова Пиштолова изрази сочувство до семејството на загинатиот и посака побрзо закрепнување на повредените, нагласувајќи дека случајот отвора сериозни прашања за безбедноста на градежните активности и функционирањето на институциите.

Од СДСМ бараат на седницата да се донесат конкретни мерки, меѓу кои формирање независна стручна комисија за проверка на сите одобренија за градба, воведување мораториум на градежните активности додека не се утврди нивната безбедност, како и целосна транспарентност преку објавување на документацијата.

Дополнително, се бара проценка на ризикот за околните објекти и граѓани, со можност за евакуација таму каде што е потребно, како и преземање мерки за санација и поддршка на погодените.

„Ова не е прашање на политика, туку на безбедност и човечки животи“, порачаа од советничката група, додавајќи дека институциите мора итно да реагираат и да гарантираат сигурност на сите градилишта.