На 24 април, петок, со почеток од 18:30 часот, во Македонскиот КИЦ во Софија ќе се одржи литературна средба „Нашето поетско ехо“, на која ќе биде претставено поетското творештво на четворица автори од Куманово, тоа се: Селајдин Шабани, Сунај Раими, Севдаиљ Демири и Емрах Билали.

Преку проектот „Нашето поетско ехо“, кој ќе се реализира во Софија, со поддршка на Министерството за култура и туризам на Р.С. Македонија, ќе биде претставено творештвото на четворица албански автори од Куманово, членови на Клубот на писатели „Јехона е Карадакут“ („Ехо на Карадак“), познати по својата уметничка индивидуалност: Селајдин Шабани, Сунај Раими, Севдаиљ Демири и Емрах Билали.

Секој од нив носи уникатен поетски глас, искуство и инспирација што произлегуваат од нашата реалност, исполнета со сеќавање, идентитет и универзални човечки вредности. Преку поетски читања и разговори со публиката, овој проект ќе создаде жива атмосфера на литературна и културна интеракција.

Овој проект произлегува од уверувањето дека културата е најсилниот мост што ги поврзува луѓето надвор од јазиците и политиките, а поезијата е најискрениот амбасадор на духот на еден народ. Во Европа која постојано бара дијалог и разбирање, зборовите на нашите поети ќе бидат како светлина што ги осветлува патиштата на блискоста и меѓукултурната почит.

Преку оваа манифестација се очекува учесниците да воспостават нови врски со бугарски поети, преведувачи и издавачи, поставувајќи темели за нови преводи, заеднички антологии и долгорочни соработки. Ова ќе овозможи албанската литература од Северна Македонија да го најде своето заслужено место во балканскиот и европскиот културен мозаик.

Селајдин Шабани (поет, публицист и наставник) е роден на 29 септември 1969 година во селото Руница, Кумановско. Основното и средното образование ги завршил во Куманово и Гнилане, додека Филолошкиот факултет, на насоката Албанска книжевност и јазик, го завршил во Приштина.

Повеќе од една деценија работел во Радио Скопје, а две години и во Телевизија на Македонија, во програмите на албански јазик. Во истиот период паралелно работел и во весниците „Флака“, „Коха Диторе“ (издание во Македонија), „Лајм“ – Македонија/Косово, како и во најново време во весникот „Шќип“.

Долги години работи како наставник по албански јазик и книжевност во ООУ „Наим Фрашери“ во Куманово.

Моментално е потпретседател на Клубот на писатели „Јехона е Карадакут“ од Куманово.

Добитник е на повеќе награди за новинарство и поезија на различни настани и манифестации во земјата и регионот.

Сунај Раими (поет, професор и кантавтор) е роден на 7 март 1966 година во Куманово, каде што живее со своето семејство. Магистрирал филозофија, а докторирал социологија.

Проф. д-р Сунај Раими околу 20 години работел како професор по филозофски и социолошки предмети на Универзитетот во Тетово. Неколку години работел и на Универзитетот на Југоисточна Европа во Тетово, како и на повеќе универзитети во Косово. Во моментов работи како редовен професор на Универзитетот „Мајка Тереза“ во Скопје, каде што бил и декан на Факултетот за социјални науки, како и раководител на Центарот за научни изданија.

Покрај научната дејност, во рамките на која има презентирано и објавено над 40 авторски научни трудови, тој е активен и во литературната, поетската и уметничката сфера, каде што има добиено бројни награди на различни културно-уметнички манифестации, во земјата и во странство. Тој е познат и како кантавтор на 36 авторски композиции од поп-рок жанрот (идентификациската песна “Lulja e kujtimit” / „Цветот на споменот“ и др.), вклучени во четири CD-албуми, кои се достапни и на YouTube каналот. Актуелно е претседател на Клубот на писатели „Ехо на Карадак“ од Куманово.

Севдаиљ Демири (поет, истражувач и публицист) е роден на 20 јануари 1980 година во Куманово. Студирал албанологија и историја на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје (во 2013 година докторирал во областа на историските науки).

Во периодот 1997–2012 активно се занимавал со новинарство, работејќи во познати албански медиуми во земјата како новинар, уредник и главен уредник.

Од 2012 година е научен работник во Институтот за духовно и културно наследство на Албанците – Скопје, а во периодот 2017–2025 беше претседател на Советот на овој институт. Работел и како професор/предавач на Универзитетот за бизнис и технологија (UBT) во Приштина, како и на јавниот Универзитет „Мајка Тереза“ во Скопје.

Во два мандати (2012–2020) беше претседател на Клубот на писатели „Јехона е Карадакут“ од Куманово.

Од 2022 година е главен уредник на списанието за култура, уметност и наука „Дорунтина“, орган на Клубот на писатели „Јехона е Карадакут“ од Куманово, прво од ваков вид во плуралистичка Македонија. Учествувал на бројни домашни и меѓународни научни конференции, добитник е на повеќе литературни награди на поетски манифестации, како и на бројни признанија од различни организации. Во 2025 година беше лауреат на високата државна награда „22 Ноември“, која ја доделува Министерството за култура и туризам на Република Северна Македонија, по повод Денот на албанската азбука.

Емрах Билали (поет и наставник) е роден на 1 септември 1988 година во Куманово. Основното и средното образование ги завршил во родниот град, додека универзитетските студии ги завршил на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје (Катедра за албански јазик и книжевност).

Работи како наставник по албански јазик и книжевност во училиштето во селото Черкезе, Кумановско.

Исто така, бил ангажиран и во телевизиски проекти, при што неодамна реализираше циклус културни емисии на ТВ Алсат – Скопје.

Во моментов е магистрант на Институтот за духовно и културно наследство на Албанците во Скопје, на студиската програма по културологија.

Литературните активности се составен дел од неговиот живот уште од основното образование, кога бил активен во литературни групи со интерпретација на поезија и модерирање на различни литературни и уметнички програми, изложби и културни настани. Подоцна, дел од неговите поезии се објавени во списанијата „Дорунтина“, „Хештја“, „Студентски живот“ и други.

Бил учесник на бројни литературни настани, културни размени со интерпретација на поезија, како и учесник на повеќе литературни конкурси на кои има добиено награди, признанија и сертификати за своите литературни настапи.

Во моментов, Емрах Билали е секретар на Клубот на писатели „Јехона е Карадакут“ од Куманово.

Текстот Средба со четворица литературни автори од Куманово на настанот „Нашето поетско ехо“ во Македонскиот КИЦ во Софија е превземен од МАКФАКС.