Здравјето и животната средина не смеат да бидат пред бизнисот на власта, порача претседателот на СДСМ, Венко Филипче, на денешната прес-конференција.

Филипче посочи дека мора да се земат предвид сите аспекти од искористувањето на рудните богатства, а особено влијанието врз здравјето на граѓаните и животната средина. Тој укажа дека има силни реакции од граѓаните во однос на измените на Законот за минерални суровини и Законот за јавни приватни партнерства, и затоа мора да се земе предвид мислењето на граѓаните и експертите.

„Огромен број на реакции добивме од граѓански организации кои што се занимаваат и работат во сферата на заштита на животната околина. Мора да се слушнат граѓаните и нивното мислење, да се слушне мислењето на експертите, на граѓанските организации кои што работат во оваа сфера. Кои се аспектите од тоа, каков бенефит ние ќе имаме, државен, национален, од искористувањето на овие рудни богатства? И секако, како ќе биде заштитено здравјето на граѓаните, што за нас е приоритет. Огромен број на реакции од граѓаните добиваме по тоа прашање“, рече Филипче.

Притоа, тој додаде дека предложените измени на Законот за минерални суровини и Законот за јавни приватни партнерства, така како што предлага власта отвораат простор за злоупотреби.

„Нема да се знае чиво е земјиштето, какво е земјиштето, луѓе може да си загубат приватна земја, поради тоа што и сега се надоврзува, некој приватен партнер, во рамки на измената на законот за јавни приватни партнерства, ќе каже кој е стратешки интерес негов, не наш национален, и каква е нашата национална стратегија за утврдување на приоритетите и стратегиите во делот на рударството и тоа како вредните минерални суровини“, рече Филипче и додаде дека ваквите закони не смеат да се носат во скратена постапка и побара нивно повлекување и отворање широка јавна дебата.

Текстот (Видео) Здравјето и животната средина не смеат да бидат пред бизнисот на власта, вели Филипче е превземен од МАКФАКС.