Претседателот на СДСМ,Венко Филипче, на денешната прес-конференција предупреди дека власта на шверцерски сака да ја укине техничката влада. Филипче посочи дека овој потег на владата на ВМРО е нетранспарентен и спротивен на досегашниот политички консензус и демократските стандарди.

„Иако за следниот изборен циклус останува техничката влада, повторно шверцерски се предлага и ќе се сака да се донесе измена во која што техничките министри нема да можат да си донесат свои посебни советници, туку може да изберат само советници од редот на постојните, значи од сегашните силно партизирани од страна на владејачката коалиција и институции во рамките на министерството“, рече Филипче.

Тој додаде дека измените на Законот за Владата се туркаат без широка согласност, иако станува збор за прашање кое е резултат на договор меѓу најголемите политички партии.

„Техничката влада е меѓупартиски договор на четирите најголеми партии и таа техничка влада е донесена со консензус и само со консензус може да се укине“, рече Филипче

Притоа, Филипче нагласи дека условите за фер и демократски избори не се подобрени, туку напротив состојбата укажува на засилена партизација на институциите.

„Укажавме и сметаме дека системот се контролира и во правосудство и во сите институции со силна партизација, исто како што се правеше во времето на Никола Груевски до 2016-та година, односно општеството и државата повторно не се зрели да се спроведат фер и демократски избори, дополнително што овој следен циклус на парламентарни избори ќе биде прв циклус на парламентарни избори коишто после 2016 година го организира актуелната власт“, рече Филипче.