Демократската унија за интеграција (ДУИ) бара оставка од градоначалникот на Општина Чаир, Изет Meџити. Од партијата му порачаа на Меџити да не го држи народот во заложништво поради своите лични грешки. Од ДУИ тврдат дека премиерот Христијан Мицкоски го држи Меџити под целосна контрола преку судско досие од 320 страници со флагрантни прекршувања на законот во областа на нелегалната градба во Чаир.

„Демократската унија за интеграција (ДУИ) изразува длабока загриженост и негодување кон безпреседентната политичка и правна ситуација која се одвива на политичката сцена. Веродостојни извори потврдуваат дека премиерот Христијан Мицкоски го држи Изет Меџити под целосна контрола преку судско досие од 320 страници, кое документира флагрантни прекршувања на законот во областа на нелегалната градба во Чаир, прекршувања кои предизвикале директна штета на општинскиот буџет во износ од 72 милиони евра. Оваа ситуација не е само правен скандал, таа е политички скандал од прв ред“, велат од ДУИ.

Од таму велат дека фактите јасно покажуваат дека обвинителното досие не се користи како инструмент на правдата, туку како лост за притисок врз градоначалникот на општина Чаир.

„Меџити, опкружен со овој Дамоклов меч, продолжува да ја задржи својата позиција, ставајќи го личниот интерес над интересот на албанскиот народ и граѓаните на Чаир. ДУИ нагласува дека 72 милиони евра штета на општинскиот буџет не се апстрактна бројка, тоа се болници кои не се изградени, улици кои не се асфалтирани, градинки и училишта кои не постојат, и осиромашени граѓани жртви на безодговорно и сомнително управување.  Секој ден кој Меџити го поминува на функција, е уште еден ден во кој граѓаните во Чаир ги носи последиците од неговите грешки“, велат од ДУИ.

Партијата бара Изет Меџити да поднесе оставка од функцијата градоначалник на општина Чаир, и, како што велат, индивидуално да се соочи со правните обвинувања против него, онака како што бара секој елементарен стандард на демократијата и чесното управување.

„Правдата не е предмет на преговори. Граѓаните на Чаир заслужуваат лидери кои им служат на граѓаните со интегритет, а не поединци кои го користат мандатот како лично штитење од законот. ДУИ ќе продолжи да стои до граѓаните и ќе се бори за целосна одговорност за секое евро оштетено од буџетот на Чаир. ДУИ им се обраќа на сите политички сили, институции и јавното мислење да се издигнат заедно во одбрана на интересите на граѓаните и на правдата. Молчењето и неактивноста се соучесништво“, велат од ДУИ.

Текстот ДУИ: Мицкоски го држи Меџити под контрола преку судско досие за нелегални градби во Чаир и штета од 72 милиони евра е превземен од МАКФАКС.