Високото образование и науката ќе добијат нова законска рамка која нуди многу повеќе можности за професорите, научниците, истражувачите и студентите за личен развој и за придонес кон градењето на општество базирано на знаења, вештини, научни достигнувања и иновации. Година и половина водиме целосно транспарентен процес и изразувам благодарност до академската заедница и научната фела, до сите политички и општествени чинители кои на било каков начин дадоа придонес кон изработката на новиот пакет закони.

Ова го истакна министерката за образование и наука, Весна Јаневска, на денешната прес – конференција во Владата на која заедно со премиерот, Христијан Мицкоски, ректорите на шесте државни универзитети и на Универзитетот на Југоисточна Европа се осврнаа на потребата и процесот на изработка на новиот Предлог закон за високо образование, но и на законите за обезбедување квалитет во високото образование и за научно – истражувачка дејност.

„Се сретнавме со сите, ги слушнавме вработените на јавните универзитети, на приватните, на научните установи и МАНУ. Прифативме бројни конструктивни сугестии, а критичкиот осврт на академската и научната заедница многу помогна за подготовка на најдобрата верзија на законот. Не е ова одглумена дебата, таква не би траела толку долго. И не е принципот на работа од 2018 година, кога закони носеше министерскиот кабинет“, рече Јаневска.

Министерката особено се осврна на новините и придобивките од новиот Закон за високо образование, посочувајќи дека нуди меритократија преку показатели за истражувачка продуктивност, интернационализација и соработка меѓу универзитетите, мерливост на квалитет, видливост на високообразовните установи и на наставниот кадар, погодности за студенти и можности за стекнување повисоки знаења преку поквалитетни студиски програми и повеќе практична обука, но и модуларност во наставата.

Предвидено е интензивирање на учеството на бизнис заедницата во дизајнот на студиските програми и нивна евалуација заради адаптација кон промените на пазарот на трудот и општеството.

Јаневска посочи и дека процесот на изработка на законските решенија бил отежнат поради лиферуваните лажни вести и дезинформации од разни центри со моќ за влијание врз јавното мислење, а како примери ги посочи нарушувањето на автономијата на универзитетите, укинување на вонредните студии и укинување на фондот за покривање на трошоците за објавување научни трудови во меѓународни научни списанија.

„Порачувам дека неоснована отпорност кон позитивни промени, особено политичка и тоа само поради ривалство, повеќе не смее да биде закана или пречка за развојот на високото образование и за стимулација на науката. Неопходно е единство, затоа што оваа цел – подобрување на квалитетот на високото образование е всушност и обврска за земјата во Реформската агенда и заедничка е одговорноста“, рече Јаневска, додавајќи дека државата ќе ги обезбеди сите неопходни ресурси и механизми за достојна примена на новата законска регулатива, а тоа ќе спречи натамошен пад на квалитетот на високото образование и напредок на среден рок.

Текстот Јаневска: Новиот закон нуди многу повеќе можности за професорите, научниците, истражувачите и студентите е превземен од МАКФАКС.