Лидерот на Демократската унија за интеграција (ДУИ) Али Ахмети од Тирана ги повика властите во Скопјe да ги почитуваат постигнатите договори што ги гарантираат правата на Албанците во земјата.

Ахмети учествуваше на отворањето на четвртиот Самит на албанската дијаспора во албанската престолнина Тирана. На настанот присуствуваа и Фатмир Лимани, министер за труд и социјална политика, како и претседателот на Собранието на Северна Македонија Африм Гаши. На форумот присуствуваа и дипломати од Косово и Албанија.

„Во врска со албанскиот јазик во Македонија, постои реална опасност и мислам дека треба да ја подобриме состојбата на јазикот што сите го зборуваме“, рече Ахмети, додавајќи: Албанскиот јазик е загарантиран со Охридскиот договор, исто така потпишан и гарантиран од Соединетите Американски Држави и НАТО. Наша заедничка одговорност е да го заштитиме.

Лидерот на ДУИ зборуваше и „за споделената одговорност на Вашингтон, Брисел, НАТО, албанските политички сили, македонските политички сили“.

„Македонија има иднина само во коегзистенција, во разбирање со Албанците. Без Албанците, Македонија не може да преживее и нејзините денови се избројани“, нагласи Али Ахмети.

На средбата во Тирана учествуваа претставници на дијаспората, политички лидери и институционални претставници со фокус на поврзување и зајакнување на националната и економската соработка.