По романите за Тито и Сирма, од популарниот автор Зоран Спасов Ѕоф, пристигнува нова историска фикција – роман за Гоце Делчев. Новата книга „Гоце Делчев: Љубов и смрт“, која е во издание на „Попули“, дел од „Арс Ламина – публикации“, ќе биде ексклузивно претставена на отворањето на претстојниот Саем на книгата, на 23 април (четврток), со почеток во 18 часот.

„Гоце Делчев: Љубов и смрт“ е роман за еден човек — и за времето што не знаело како да го задржи. Гоце Делчев, роден во мал град меѓу ридови и граници, расте во свет во кој зборовите се мерат, а слободата се плаќа. Свет во кој народите живеат под туѓи имиња, а соништата се шепотат тивко како молитва. Но некои луѓе не умеат да живеат во молк. Од детството во Кукуш, преку тајните патишта на револуцијата, до годините кога идеалот станува поголем од самиот живот, овој роман го следи патот на човек што избира нешто потешко од славата — избира совест. И избира љубов. Љубов кон земјата што сè уште нема име. Љубов кон народот што сè уште нема држава. Љубов што знае дека, можеби, нема да го доживее утрото — но сепак оди кон него. Ова е приказна за верата дека идеалите не умираат со луѓето што ги носат. Дека некои животи се кратки, но доволно силни да ја променат историјата. И дека понекогаш, меѓу љубовта и смртта, стои само еден човек — и неговата одлука.

„Гоце Делчев: Љубов и смрт“ е роман што не бара да му верувате, туку да го издржите!

Зоран Спасов Ѕоф е познат скопски лик, филантроп и автор на хит-книгите: „И јас сум Сирма“, „Цепај сине: пошто џабе живиш у Македонија“, „Џабе живиш у Скопје“, „Торонто експрес“ и „Тито, мојот претпоследен херој“. Важи за еден од најпродаваните автори во книжарниците „Литература.мк“.

Романот „Гоце Делчев: Љубов и смрт“ ќе биде достапен на штандот на „Арс Ламина“ за време на Саемот на книгата, по што пристигнува и во книжарниците „Литература.мк“ и онлајн преку www.literatura.mk.

Повеќе информации за романот може да најдете на следниот линк:
https://spasov.mk/gocedelcev-ljubovismrt/

 

ПР

Текстот „Гоце Делчев: Љубов и смрт“ од Зоран Спасов Ѕоф доаѓа на 23 април е превземен од МАКФАКС.