По изјавата на Христијан Мицкоски, во која повторно „имал чувство“ за идни процеси против функционери на СДСМ, одговорот е јасен и директен. Откако ги постави своите луѓе на клучните позиции во судството и обвинителството, сега, кога самиот тој станува предмет на интерес на меѓународни истраги, Мицкоски почнува, преку злоупотреба на институциите, да се обидува да ги сокрие вистинските процеси поврзани со криминал и корупција од јавноста, истакнуваат од СДСМ.

„Повторно „нарачува“ процеси преку медиуми, мислејќи дека со тоа ќе нè исплаши и ќе ја запре нашата борба против неговата криминална организација. Исто како и порано, сега ја повторува истата матрица – само што овој пат неговото „чувство“ го диктира стравот. Имаме чувство дека стравот му влезе длабоко во коските на Мицкоски!

Имаме чувство дека Европското обвинителство веќе го има предметот за Орбановите бизнис-комбинации, во кои е вмешан и самиот Мицкоски. Имаме чувство дека граѓаните на Македонија многу наскоро ќе чујат шокантни детали за договорите Орбан–Мицкоски–Вучиќ на Балканот. Имаме чувство дека ќе дознаат како се трошеле парите на македонските граѓани – преку какви кредити, медиуми, телекомуникации и инфраструктурни проекти. Имаме чувство дека ќе стане збор и за перење пари преку одредени финансиски институции. Ова, сепак, е само чувство“.

Но, де факто и де јуре знаеме, додаваат од опозициската партија, дека за сето ова ќе мора да се одговара пред, како што велат, домашното и пред меѓународното правосудство.

„Наместо да им задава задачи на своите обвинители преку медиуми, за да има материјал за својата таблоидна мрежа (од Орбан), нека се подготви да ги објасни своите сопствени врски со криминалниот режим на Орбан, бидејќи наскоро ќе му требаат пред суд“.

СДСМ, нагласуваат од таму, останува на ставот дека сите мора да бидат еднакви пред законот – вклучително и оние кои денес седат во премиерската фотелја и се обидуваат државата да ја користат како штит за своите бизнис-комбинации, како и сите оние кои државните институции ги користеле за лична и партиска корист.

„Имаме чувство дека Мицкоски го чека истата судбина како и Груевски, само што овој пат ќе мора да се соочи со неа – дали како Ванчо, ќе видиме!

Доаѓа времето на вистината, правдата и одговорноста“.

Текстот Имаме чувство дека стравот му влезе длабоко во коските на Мицкоски, велат од СДСМ е превземен од МАКФАКС.