Претседателот на САД, Доналд Трамп, ја критикуваше енергетската политика на Обединетото Кралство во објава на неговата социјална мрежа Truth Social, велејќи дека со отфрлањето на експлоатацијата на нафта од Северното Море, Европа останува без клучен извор на енергија.

„Европа очајно има потреба од енергија, а Велика Британија одбива да ја отвори нафтата од Северното Море, едно од најголемите нафтени полиња во светот. Трагично! Абердин треба да цвета. Норвешка ја продава својата нафта од Северното Море на Велика Британија по двојно повисока цена. Тие собираат богатство. Велика Британија, која е подобро позиционирана за енергија од Норвешка, треба да дупчи, бејби, да дупчи!!! Сосема лудо е што не го прават тоа… И НЕМА ПОВЕЌЕ ВЕТЕРНИЦИ!“, напиша Трамп.

 

Изјавите на Трамп доаѓаат во време на зголемени тензии на енергетските пазари поради војната на Блискиот Исток и американската поморска блокада на Иран, што дополнително ја зголеми неизвесноста околу снабдувањето со нафта.

Цените на нафтата растат во последните денови поради страв од нарушувања во Ормутскиот теснец, низ кој минува значаен дел од светското снабдување со енергија, додека европските земји истовремено бараат стабилни извори на енергија откако ја намалија зависноста од руските енергетски извори.

 

фото/Depositphotos

Текстот Трамп: На Европа очајно ѝ е потребна енергија, Велика Британија треба да дупчи, бејби, да дупчи е превземен од МАКФАКС.