Азир Алиу

Ехото на болката од трагедиите со голем број на човечки жртви и повредени, продолжува да се слуша и по самракот на денот на кој се имаат случено. Тоа продолжува да одѕвонува во сеќавањата на семејствата што останале без најблиските, во општеството кое во молк се соочува со загубите, но и во институциите кои мора да се запрашаат дали биле доволно подготвени. Такви беа Ласкарци на 13 февруари 2019 година, пожарот во модуларната болница во Тетово на 8 септември 2021 година, автобусот што изгоре во Бугарија на 23 ноември 2021 година, а потоа и трагедијата во Кочани на 16 март 2025 година. Настани кои не се исти по причината и контекстот во кој се случија, но имаат една заедничка и болна точка – сите нè соочија со прашањето колку државата е подготвена кога во краток рок треба да спаси многу животи.

Токму затоа, кога денес зборуваме за Националниот план за постапување при настани со масовни жртви, ги надминуваме административните и бирократски очекувања дека станува збор за уште еден документ. Планот претставува одлучен обид болната меморија да се претвори во институционална зрелост. Зборуваме за одлука да не чекаме следна несреќа за повторно да откриеме што ни недостасува, каде доцниме и кој со кого не е доволно поврзан во институционалната мрежа. Ги поставуваме системските рамки за ефикасен и ефективен државен одговор кој ќе биде однапред осмислен, увежбан и усогласен.

Со усвојувањето на овој план, за првпат Македонија доби сеопфатна рамка за координирано постапување при настани со масовни жртви, за ризици што можат да настанат при природни катастрофи, сообраќајни несреќи, индустриски инциденти, пожари и други вонредни ситуации. Планот е усвоен од Владата на 10 март 2026 година, по предлог на Министерството за здравство, со поддршка од Светската здравствена организација, притоа усогласен и со препораките на НАТО и меѓународните здравствени регулативи. Во неговата подготовка беа вклучени повеќе институции и служби од здравствениот сектор и ургентните центри, до Центарот за управување со кризи, Министерството за внатрешни работи, Министерството за одбрана, Дирекцијата за заштита и спасување, Црвениот крст и медицинските факултети.

Институционалната вредност на овој план се состои во тоа што поставува јасна архитектура на одговор. Тој предвидува како се активира системот, кој носи одлуки, како се координираат институциите, како се прави тријажа, како се распределуваат пациентите, како се користат ограничените ресурси и како се обезбедува континуитет на здравствените услуги и во најтешки услови. Со други зборови, планот ги надминува добрите намери и претендира да внесе ред во часовите кога трагедиите го внесуваат хаосот во институциите и се обидуваат да го поткопаат одговорот на државата.

Кога бројот на повредени за кратко време ги надминува редовните капацитети, секоја минута зависи од тоа дали однапред знаеме кој е првиот чекор, каде се упатуваат пациентите, како комуницираат болниците и како се носат одлуките без паралелни процеси и институционален шум.

Токму тука лежи суштината на Националниот план, кој го организира одговорот на три нивоа. На стратегиско ниво, се обезбедува централизирано управување и меѓуресорскакоординација. На ниво на здравствена установа, се утврдува организацијата на прием, третман, мобилизација на персонал и користење опрема. На предболничко ниво, се уредуваат теренската тријажа, итната медицинска помош, евакуацијата, транспортот и воспоставувањето истурени медицински станици. Таа поврзаност е клучна, затоа што токму пукнатините меѓу самите случувања на местото на несреќата, болницата и институционалното раководење најчесто ја прават кризата потешка отколку што мора да биде.

Европа одамна научи дека подготвеноста за одговор на настани со масовни жртви не смее да се темели на импровизација. Во Франција, на пример, ORSAN(Organisation de la Réponse du Système de Santé enSituations Sanitaires ExceptionnellesОрганизација наодговорот на здравствениот систем во исклучителниздравствени ситуации) е национална рамка за организирање на одговорот на здравствениот систем при исклучителни здравствени ситуации, вклучително и масовен прилив на повредени. На ниво на Европската Унија, Механизмот за цивилна заштита и неговиот ERCC(Emergency Response Coordination Centre) функционираат токму на логика на однапред подготвена координација, 24 часа на ден, со можност за брза мобилизација на помош кога капацитетите на една држава се преоптоварени. Системската поука е јасна, а тоа е дека зрелите системи не чекаат криза за да почнат да се организираат, тие се организираат пред кризата.

Затоа, за мене, овој план има и пошироко значење, бидејќи тој е тест дали државата е способна да учи од своите минати грешки и пропусти. Дали може од секоја трагедија да извади системска поука и да изгради институционална меморија, притоа и да покаже дека солидарноста на граѓаните, пожртвуваноста на лекарите и поддршката од меѓународните партнери ќе бидат надградени со системски унапредувања и зацврстување.

Во Ласкарци, Тетово, Бугарија и Кочани видовме нешто што никогаш не смее да се заборави, а тоа е колку е голема човечката пожртвуваност кога системот е ставен пред најтешкиот испит. Но исто така видовме и дека пожртвуваноста, сама по себе, не смее да биде единствениот столб на националната подготвеност. Не е праведно ниту кон здравствените работници, ниту кон граѓаните, државата да очекува дека храброста секогаш ќе ја надомести системската неподготвеност. Обврската на институциите е таа храброст да ја поддржат со структуриран и навреме подготвен одговор.

Затоа, Националниот план за постапување при настани со масовни жртви треба да се разбере како почеток, а не како завршена работа. Неговата вистинска вредност ќе се потврди тогаш кога ќе биде претворен во редовни обуки, симулациски сценарија, проверка на болничките капацитети, интероперабилност меѓу институциите и култура на подготвеност што нема да зависи од тоа кој е на функција, туку од тоа каков систем сме изградиле.

Државата не може да им вети на граѓаните дека никогаш повеќе нема да има трагедии. Но мора да им вети нешто друго, а тоа е дека нема да влезе во нив неподготвена. Тоа е најмалку што им должиме на жртвите од Ласкарци, Тетово, Бугарија и Кочани. И тоа е најмалку што им должиме на сите идни генерации.